Големиот пожар што попладнево избувна во мелничко-пекарскиот капацитет „Жито Битола“ е ставен под контрола, соопшти командирот на Противпожарната единица во Битола Горан Димкоски.
„Не се дозволи проширување на околните објекти како магацинот и силосите со жито. Пожарникарите го догаснуваат делот од главната зграда што гореше и објектот што е до неа, каде условите за гаснење се потешки. Направена е промена на екипата пожарникари кои гаснеа цели четири часа и пуштена на терен е друга екипа“, рече командирот.
Во пожарот нема жртви, но причинета е голема материјална штета врз главниот објект на 4 ката на мелничко-пекарскиот капацитет кој е во приватна сопственост.
Во пожарот е зафатен стариот објект на „Жито Битола“ со кој стопанисува „Ангро механизација- Жито Битола“ во чиј состав има пекара, млин и силос.
Рано е да се каже што го предизвикало пожарот, но има две верзии. Според едната започнал од пекарата, а според другата од покривот.
„Жито Битола“ во социјализмот, а и во годините на транзиција, беше еден од најголемите фабрички капацитети во Битола. Но отиде под стечај, а во последните години приватници купија дел од фабричките објекти и го рестартираа производството на леб и брашно. Во вечерашиот силен пожар изгореа делови од главната зграда која постоеше повеќе од половина век.
Ж. ЗДРАВКОВСКА