На вчерашната лидерска средба на претставниците од парламентарните партии која се одржа во Скопје, освен донесените заклучоци, кај јавноста уште поголем интерес предизвикаа возилата со кои пристигнаа најголемиот дел од учесниците.
Меѓу нив најмногу се истакнуваше големото црно БМВ серија 7 со кое пристигна Билал Касами, лидерот на Движењето БЕСА. Касами првпат го гледаме да го користи ова возило кое, според ценовникот на увозникот чини најмалку 132.000 евра, па тоа предизвика интерес кај јавноста, дали е негово, од партијата или само го позајмил за оваа средба. Одговор побаравме од Службата за информирање на Движењето БЕСА од каде се огласија со оваа изјава на Билал Касами.
„Прво, сакам да разјаснам на јавноста дека автомобилот со кој пристигнав вчера не е моја сопственост, и покрај шпекулациите што кружеа во медиумите и социјалните мрежи. Toj автомобил беше користен привремено, бидејќи службениот автомобил моментално е на поправка. Мојот личен имот редовно се пријавува и е достапен за јавноста, во согласност со законот. Ја разбирам чувствителноста на јавноста кон овие прашања, особено во време кога граѓаните се соочуваат со економски тешкотии. За мене, средствата и материјалните работи не се од суштинско значење. Она што е од суштинско значење се одговорноста, работата и резултатите во служба на граѓаните“, се вели во изјавата испратена од Службата за информирање на БЕСА.
Во јули 2023 година слична изјава даде и Артан Груби откако беше запален автомобилот марка „Ауди“ вреден околу 100.000 евра, за кој тогаш изјави дека не бил негов, туку на соседот и само му бил даден на користење.
„Им се извинувам на сите мои соседи во мојата населба за големото вознемирување синоќа пред нашата зграда само поради мојата професија. Исто така, му се извинувам на мојот пријател и неговото семејство за предизвиканата штета само поради мојата професија. Во политиката сум за да служам и да оставам трага со работа и дела, а не да ми се тероризира семејството, соседите и пријателите“, изјави тогаш Груби.
З. АНДОНОВ



