Од петмината фармери на желки во Македонија, Зоран Митевски од Пробиштип е еден од првите кој уште во 1986 година започнал со фармерско производство на овој домашен влекач кој е мошне баран на странскиот пазар. Тоа биле години на подготовка така што со вистинско фармерство се започнало десетина години подоцна.
„Почетокот беше со размена на желки со партнер од Словенија со кого соработувам и денес. На посебна природна локација формирав матично стадо со 1.100 желки- мајки. Тешки беа првите години затоа што требаше да се формира една целина од фарма, а подоцна се јавија и проблемите со пласманот затоа што во Македонија се формираа и други фарми кои не мареа многу на цените само колку да се продаде. Првичните добри цени кои беа тројно повисоки, сега не можеме да ги вратиме, а и тие сега се мошне променливи и ниски во зависност од светската берза“ вели Митевски.
Тој не ги извезува желките за храна, туку како миленици. Се бараат во сите големени до 13 сантиметри, но најмногу од 3,5 сантиметри, 4, 6,7 до 8 сантиметри. Тоа се узвозници од Словенија, Англија, Мајами, Чиле, Јапонија и други места.
„Целокупниот процес кој бараше посебни и заштитени живеалишта за малите желчиња е долг и макоптрпен, почнувајќи од матичното стадо на мајки кое ги неси јајцата, потоа внимателно се собираат и се ставаат во посебни инкубатори каде остануваат до 55 дена кога се изведуваат. Јајцата обично се несат во мај, јуни и јули. Продукцијата зависи и од храната што се дава на мајките од кои некои несат два пати во рок од 30 дена, а тие што се добро ухарени несат и по три пати“ објаснува Митевски и додава: „И големите и малите се хранат со сите видови трева, претежно со детелина, но се појачува и со трици, а тие се хранат и самите што ќе најдат во природата. Им се дава и зелка, пиперки и друга зелена маса. На оваа храна им се додава и здробена лушпа од изнесените јајца која наместо да се фрла, служи како плус калциум во храната кој е неопходен за поцврст череп како најголем и сигурен заштитник на желките“. објаснува Митевски.
Целокупниот производствен процес според пробиштипскиот фармер се следи и од Министерството за животна средина и од ветеринарните служби кои даваат стручно мислење по што се одобруваат сертификати за извоз. Со овие државни институции добро соработувал и на нив им плаќал одреден законски надомест кој не бил висок за секоја извезена желка по глава без разлика на големината.
Митевски смета дека фармерскиот извоз на желки е загрозен и од неконтролираниот извоз на големи желки кои се собираат во природата од некои фармери со што се нарушува цеолупниот биодиверзитет и со таквиот извоз овозможија странските купувачи како што беше случај со еден голем партнер од Англија да си формираат свои фарми па дури и тие да се јавуваат како извозници.
„Порано кога работев со компанијата Зоологикал од Велика Британија извозот беше по системот, денес се вадат мали желчиња од инкубаторите , утредента заминуваат за извоз така што тогаш пласманот бил со дневна динамика што не е случај сега. Дури западноевропскиот пазар веќе е презаситен што создава проблеми на македонските фармери и ги става во неизвесност и под знак прашалник се доведува иднината на нивното фармерство, а како можен спас се гледа само ако се отворат паазарите во големите азиски земји“, вели Митевски.
Митевски посочува и еден друг голем проблем со кој тој и останатите фармери со соочуваат со обезбедување работници за работа на фармите кои бараат грижа по целиот ден. Тој имал еден мошне вреден човек, но поради неговото заминување од здравствени причини сè уште не може да обезбеди адекватна замена за која нуди и добра плата.
Т. ЈОВАНОВСКИ