МАЛОЛЕТНИЧКА ОД ТЕТОВСКО РОГЛЕ ОСОМНИЧЕНА ДЕКА ГО УБИЛА СВОЕТО 16-ГОДИШНО МОМЧЕ

    МАЛОЛЕТНИЧКА ОД ТЕТОВСКО РОГЛЕ ОСОМНИЧЕНА ДЕКА ГО УБИЛА СВОЕТО 16-ГОДИШНО МОМЧЕРеката Пена кај месноста „Бањиче“ кај што беше пронајдено телото на убиеното 16-годишно момче. (Фото: СДК.МК)

    17-годишна девојка од тетовското село Рогле е осомничена дека го убила своето 16-годишното момче чие безживотно тело вчера беше пронајдено во водите на река Пена кај месноста „Бањиче“. Откако било пронајдено телото на момчето, од страна на лекар од Итната медицинска помош било констатирано дека е починато, а по наредба на Јавен обвинител, телото било предадено на судска медицина за да се изврши обдукција. По извршената обдукција, Јавно обвинителство поднело барање до Основниот суд во Тетово за покренување постапка поради сомнение дека момчето е убиено.

    „Основното јавно обвинителство Тетово до надлежниот суд поднесе барање за поведување подготвителна постапка против едно лице за кои постои сомнение дека сторило кривични дело Убиство од член 123 став 1 од КЗ. Осомничената 17 годишна девојка со умисла лишила од живот дете на возраст од 16 години. По вербална расправија во автомобил кај местото викано „Бањиче“ таа со остар предмет го удрила оштетениот во главата неколку пати, нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот. Потоа го турнала во реката Пена, а лицето било пронајдено починато по течението на реката. Надлежниот јавен обвинител до Судот достави предлог за определување мерка притвор“, соопштуваат од Службата за односи со јавноста од Јавното обвинителство.

    СВР Тетово во текот на вчерашниот ден извршило службен разговор со 17-годишна девојка од тетовското село Рогле која се сомничи дека го лишила од живот 16-годишното момче.

    „На 22.12.2022 во 14.00 часот во СВР Тетово бил извршен службен разговор со 17-годишна малолетничка од тетовско Рогле. Таа се сомничи дека со тврд предмет го нападнала 16-годишниот малолетник од с. Ново Село, општина Желино, кој вчера во 07.10 часот беше пронајден починат во водите на река Пена на патот кон место викано „Бањиче“ во Тетово. Исто така, во врска со настанот, во присуство на родител, претставник од Центар за социјални работи, адвокат и медицинско лице бил извршен разговор и со 17-годишната малолетничка од Тетово“, информираат од СВР Тетово.

    Малолетното момче било родум од Ново Село, Општина Желино. Оваа среда, околу 16 часот, неговиот татко пријавил во полицијата дека неговиот син се оддалечил од дома со автомобил. Откако била извршена обемна претрага на поширокиот терен во Тетовскиот Регион, во која покрај полицијата биле вклучени и тетовските пожарникари, автомобилот бил пронајден рано изутрината околу 2 часот и 20 минути во близина на угостителски објект во местото „Бањиче“ во горниот тек на реката Пена.

    „Противпожарната единица од Тетово заедно со семејството на исчезнатото момче вчера ја започнавме претрагата. Автомобилот го пронајдовме во месноста ‘Бањиче’. Почнавме да пребаруваме на тоа место, а потоа се префрливме во претрага на речното корито и двете страни од брегот. Овој предел е многу тежок за пребарување, има многу камења, а и реката Пена во овој период од годината е многу надојдена и ни создаваше дополнителни потешкотии во потрагата. По целата ноќ пребарување телото на момчето, кое беше во водите на реката, го најдовме дури изутрината во 6 часот и 45 минути. Поради надојдените води со големи маки и со ангажирање на неколку пожарникари успеавме да го извлечеме телото на момчето“, изјави командирот на противпожарната единица во Тетово Авни Амети.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира