ПРЕКИНАТ ШТРАЈКОТ НА МАШИНСКИОТ ПЕРСОНАЛ ВО ЖЕЛЕЗНИЦА, ИСПЛАТЕНА Е ДЕКЕМВРИСКАТА ПЛАТА

    ПРЕКИНАТ ШТРАЈКОТ НА МАШИНСКИОТ ПЕРСОНАЛ ВО ЖЕЛЕЗНИЦА, ИСПЛАТЕНА Е ДЕКЕМВРИСКАТА ПЛАТАОд вчера ниту еден патнички и товарен воз не тргна од железничките станици во земјава. (Фото: СДК.МК)

    Прекинат е еднодневнот штрајк на вработените од Македонски железници (МЖ)-Транспорт, откако денеска во 14 часот им е исплатена втората половина од декемвриската плата. Патничкиот и товарниот железничкиот сообраќај во земјава е во прекин од вчера претпладне.

    „Вработените нема да ги извршуваат работите ако платата за претходниот месец не биде исплатена во целост до 25-ти во тековниот месец“, се вели во одлуката на машинскиот и извршниот персонал во МЖ- Транспорт од 2 ноември 2021, на која тие се повикуваат за да стапат во штрајк.

    Поради тоа, од вчера од 9,15 часот кога требаше да тргне патничкиот воз од Скопје за Велес, ниту еден патнички и товарен воз не тргна од железничките станици во земјава. За ваквата состојба малкуте патници кои ги користат услугите на железницата дознале кога стигнале на станица да патуваат.

    „Немаше никаква информација дека возовите нема да сообраќаат. Кога отидов на станица во Велес на пладне за Скопје, немаше воз. Морав да замина на автобуска, која е на другиот крај од градот. Како сакаат да имаат патници, кога има малку возови, доцнат, ладно е во нив“, вели велешанец кој планирал да ги користи услугите на МЖ.

    Патнички возови во земјава има до Гевгелија, Прилеп и Табановце, додека кон Кичево и Кочани осум месеци сообраќајот е во прекин, бидејќи нема локомотиви. Прекин на железничкиот патнички и товарен сообраќај исто поради штрајк се случи во два наврати лани, во август и во ноември.

    За раководството на МЖ-Транспорт штрајкот е нелегитимен, бидејќи не е организиран согласно Законот за работни односи и колективниот договор на компанијата. Тие потенцираа дека платата на овие вработени е покачена, а машиновозачите примале просек изминатите три месеци од скоро 51.000 денари.

    „Штрајкот не е предизвикан од социјален момент и условите за извршување на работните задачи, туку од лична корист на машинскиот персонал кој има тримесечен просек на плата од 50.808 денари“, соопштија од АД МЖ-Транспорт.

    Додаваат дека работат во услови на пандемија и енормно зголемена цена на електричната енергија. И вработените од ЈП МЖ-Инфраструктура ја чекаа втората половина од декемвриската плата, но тие не штрајкуваат.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира