Во македонското здравство недостигаат двојно повеќе медицински сестри од бројката која е досега работно ангажирана, има голем одлив во странство, а и понатаму професијата не е законски регулирана. Особен недостиг се чувства кај акушерките чие образование исчезна од средните училишта, освен во албанските паралелки на Средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје. Акушерки сега се едуцираат само во првиот циклус на студии на високите медицински школи и се дефицитарен кадар.
Ова беа само дел од проблемите истакнати на Светскиот ден на акушерките и Светската недела на сестринството, одбележани во Битола во присуство на голем број медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри од државни и приватни здравствени установи во Македонија.
„Нашата стратегија е да се вратат акушерките во образованието. Инвестицијата во образованието на акушерките е многу важна. Тоа е пораката во оваа Недела на сестринството до нашите власти, за нашиот образовен процес, ќе мора сериозно да правиме програми не само за акушерките туку и за сите медицинските сестри“, рече Гордана Бешлиовска, претседателка на Унијата на здруженијата на медицински сестри со над 5.000 членови.
Светската здравствена организациа (СЗО) проектираше до 2030 година недостаток на 9 милиони медицински сестри. Тоа е глобален дефицит кој нашата земја ќе го следи, а веќе има одлевање на сестрински кадар, за што мора стратешки да се размислува.
„Има многу голем одлив. Тоа го броиме врз основа на нивните барање во Здружението за потврди за членство со кои во земјите каде заминуваат се евидентираат административно. Пандемијата со ковид-19 не е завршена и мора во здравствените установи да се надополни недостигот на медицински сестри преку континуирани конкурси“, рече Бешлиовска.
Таа посочи дека бројот на сестри во болниците не задоволува ни еден од пропишаните стандарди.
„Има стандарди според кои треба да бидат од 700 до 800 медицински сестри на 100.000 жители. Ние овој момент имаме 300 до 350. Значи на старт имаме недостаток на 50 проценти медицински сестри во Македонија. Тоа и понатаму ќе биде голем проблем, се намали пандемијата, се отворија границите. Досега имавме повремени заминувања, а сега се позачестени“, додаде Бешлиовска.
На три до пет болнички кревети во стационар со лежечки болни треба да има по една медицинска сестра во утринските часови. Ако одделението има 30 пациенти, треба пет до шест сестри, а тоа како што истакнува Бешлиовска, не е запазено никаде. На одделенијата за интензивна нега треба една сестра на двајца пациенти во утринските часови. На утринските визити кога ќе влезат докторите со сите специјализанти повеќе се на број од сестри.
„Болниците се полни, над 80 проценти е креветната зафатнина пополнета, а во одделенијата две до три сестри. И тоа се сестри кои во сопствените работни задачи немаат граници. Не се препознава само нивната медицинска работа, туку се вклучени во целиот третман хигиено-диететски, конзервативен и друго“, додава претседателката на Унијата на здруженија на медицински сестри.
Тие бараат да понудат свои решенија кои би се имплементирале во здравствените политики, како и изработка на закон за нивната професија кој ќе предвидува образование, задолженија, заштита и прекршочни одредби.
Ж. ЗДРАВКОВСКА