Нема пари од Mинистерството за култура за струмичкиот карневал. По минатогодишните 100 илјади денари за ова најмасовна манифестација на отворено, годинава ресорното Mинистерство одлучи да не додели ниту денар, објавија организаторите на ова манифестација која последниве години е прогласувана за супер бренд, но и најдобра манифестација на отворено во Македонија.
За разлика од струмичкиот, сите останати карневали, но и одделни карневалски групи од Македонија добиле финансиска подршка од Министерството за култура, тврдат од градскиот комитет на ФЕКК (Федерација на европски карневалски градови). Тие сметаат дека последниве години постојано се маргинализирани од државните институции .
„Аплициравме за средства од Програмата за недвижно, движно и нематеријално културно наследство, но не добивме средства за годинава. Жално е што Министерството за култура со години не не подржува, а доделува пари за останатите карневали во земјава. Немаме добиено одговор зошто сме одбиени. Лани ни доделија понижувачки 100 илјади денари а годинава нула. Средствата ги планиравме за да ги збогатиме програмските содржини, но и да им помогнеме на карневалските групи за да изработат далеку поквалитетни маски или да ги наградиме со повисоки парични средства што ќе значеше стимул за во иднина“, вели Ванчо Ристов од организациониот одбор на Струмичкиот карневал.
Од Mинистерството за култура информираа дека организаторите на Струмичкиот карневал, немале потврда дека оваа манифестација е прогласена или регистрирана како културно нематеријално наследство од Управата за заштита на културното наследство, што било услов годинава да добијат пари од државата.
Финансиската конструкција на карневалот годинава ќе изнесува околу 4 милиони денари од кои 2,5 милиони се обезбедени од буџетот на општина Струмица, додека останатите, организаторите ги планираат преку спонзорства од повеќе фирми.
Струмичкиот карневал ќе започне на 22 февруари и ќе трае до 1 март, при што се планирани повеќе активности.Главното карневалско дефиле е на 25 феврури кога се очекуваат околу 2.000 маски од кои 600 ќе бидат од странство.
Секоја година струмичкиот карневал го следаат над 20 илјади гости од земјава и странство.
В.Трајков