Двокатниот автобус што на Охрид во 2013 година му го отстапи Владата на Македонија мистериозно исчезна. Автобусот беше дел од нарачката на двокатните кинески автобуси за скопскиот јавен превоз реализирана од буџетот на Република Македонија.
На паркингот кај спортската сала “Билјанини извори”, од каде поаѓаше и се враќаше со патници, двокатниот туристички автобус го нема речиси една година.
“На крајот од минатото лето некој во состојба на бес во вечерните часови со бекатон плочки му ги искрши стаклата на двокатниот. Од тогаш овој автобус, кој беше атракција за гостите и за охриѓани, го нема по охридските улици и не превезува патници. Има разни претпоставки кај е однесен двокатниот”,вели вработен во “Билјанини извори” кој сакаше да остане анонимен.
Во потрага по исчезнатиот двокатен автобус контактиравме повеќе луѓе кои го возеа и го одржуваа.
Тие велат дека по оштетувањето двокатниот најпрво бил однесен на паркингот кај “Охридски комуналец” за да не се види срамот и да биде подалеку од очите на јавноста. Некој се сетил дека таа локација не е добра, па набргу бил пренесен во кругот на фабриката ЕМО.
Во Јавното претпријатие „Билјанини извори“ кое е задолжено за експлоатација на автобусот не кажуваат дали двокатниот е уште во ЕМО.
Д. ЧУБРИЌ