Инспекциските служби ќе постапат согласно своите надлежности. Одговорност мора да има, најави денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој беше во Струга за, како што рече, лично да се запознае со состојбата на оштетената куќа-музеј на Владо Малески, објект со големо историско и културно значење.
„Вчера, Управата за заштита на културното наследство испрати инспекциска служба која изврши увид на терен. Констатирани се сериозни оштетувања настанати при изведба на градежни активности на соседната парцела. По извршениот увид ќе следат соодветни пријави согласно законот. Како министер за култура и туризам, најостро го осудувам секое неодговорно постапување што доведува до уништување или загрозување на заштитени објекти. Културното наследство е непроценливо богатство кое не смееме да го загрозуваме од небрежност, несовесност или краткорочни интереси“, изјави Љутков.
Тој најави дека веднаш ќе започне проект за обнова и реставрација на Спомен-куќата на Владо Малески, со цел да се зачува нејзиниот автентичен изглед и историскиот дух што го носи овој дом на авторот на македонската химна.
„Министерството за култура и туризам ќе ги вклучи сите надлежни институции, стручни лица и експерти, за обнова на објектот што ќе биде изведена професионално и во целосна согласност со принципите на заштита на културното наследство“, кажа тој.
Од Министерството за внатрешни работи најавија пријава за сторителот кој градејќи објект го урна и ѕидот и кровот на куќата-музеј.
„На 15. октомври 2025 година, во 11:00 часот во ОВР Струга е пријавено дека лице од струшкото село Велешта, при изведување градежни работи на улицата ‘Браќа Миладиновци’ во Струга со работна машина го поткопал темелот од јужниот ѕид на куќата-музеј на Владо Малески, која претставува споменик заштитен како значајно културно наследство. Увид на местото извршија претставници на Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, како и полициски екипи. По целосно расчистување на настанот, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело ‘оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство’ по член 264 од Кривичниот законик“, велат од МВР.
Директорот на Националната установа (НУ) Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, Горан Патчев вели дека објектот е од слаб материјал, зид од камен и дрвена кровна конструкција што може дополнително да предизвика поголема штета.
„Затоа теренот мора да се исчисти, да се обезбеди кровот, да се влези внатре и да се спасат артефактите кои се внатре“, вели Патчев.
Куќата на Малески е една од најзначајните културни објекти и симболи на антифашистичката борба. Во неа на 23 септември 1941, во присуство на членовите на покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) за Македонија, народниот херој Кузман Јосифовски-Питу одржа конститутивен состанок на Месниот комитет на КПЈ за Струга и Струшко. Пред куќата стои биста на Кузман Јосифовски-Питу.
С. ВРЕНЦОВСКА