Од година во година, на велешката „Питијада“ се подготвува сè поголема пастрмајлија. На последното издание викендов, беше испечена пастрмајлија долга 4,30 метри и широка 1,10 метри.
Ја подготвија седум мајстори од фурната „Гемиџии“, кои сè уште не ја откриваат тајната за подготовка на толку долга пастрмајлија. Иако се подготвуваше седум часа, џиновската пастрмајлија беше поделена и изедена за само петнаесетина минути.
„За подготовката, која траеше седум часа, употребивме 16 килограми брашно, од кое добивме 26 килограми тесто, како и 350 јајца и 42 килограми месо. Сè додека можеме, ќе ја подготвуваме пастрмајлијата во сè поголеми димензии“, изјави Александар Јамалов, сопственик на фурната „Гемиџии“, која веќе со години ја подготвува рекордната пастрмајлија.
Од продажбата, која имаше хуманитарен карактер, волонтерите на Црвениот крст од Велес собраа 12.053 денари. Тоа е помалку од лани, кога беа собрани 16 илјади денари. Собраните средства ќе се искористат за „Неделата на борба против гладот“, која започнува од утре, понеделник.
П. ПЕЧКОВ




