НА ШАР ПЛАНИНА СЕ СЛУЧИЛА ЛАВИНА, НЕМА ПОВРЕДЕНИ И ЗАТРУПАНИ ЛИЦА

    НА ШАР ПЛАНИНА СЕ СЛУЧИЛА ЛАВИНА, НЕМА ПОВРЕДЕНИ И ЗАТРУПАНИ ЛИЦАНационалниот парк „Шар Планина“ апелира до сите посетители да ја стават личната безбедност на прво место (Фото: НП „Шар Планина“)

    Националниот парк „Шар Планина“ информира дека на територијата на паркот имало лавина, но немало затрупани луѓе. Како што велат, поради специфична комбинација на временски услови, вклучувајќи ги температурата на воздухот, правецот и јачината на ветерот и снежните врнежи во изминатите неколку дена, а сето тоа во комбинација со релјефните карактеристики на теренот, се создаваат услови за нестабилност на снежната покривка и за појава на лавини.

    „По добиена дојава од операторот за слободно скијање со ратраци ‘Ескимо спорт‘ за забележана лавина на подрачјето на паркот, екипа на НП ‘Шар Планина‘ излезе на терен и изврши увид на локацијата. Претходно, екипа на ‘Ескимо спорт‘ извршила пребарување на лавинскиот терен со употреба на лавински уреди, при што е констатирано дека во лавината нема затрупани лица кои со себе поседуваат лавински уреди, а до овој момент нема пријави за исчезнати лица“, велат од НП „Шар Планина“.

    Паралелно со теренскиот увид, стручен тим од образовна институција специјализирана за безбедност во планинскиот туризам спроведе експертска анализа на стабилноста на снежната покривка. Притоа била утврдена лавинска опасност од степен 4, според европската скала за оценување на лавинскиот ризик. На таа скала, степенот 5 означува многу висок ризик од лавина.

    Националниот парк „Шар Планина“ апелира до сите посетители да ја стават личната безбедност на прво место и да придонесат кон безбедно, одговорно и одржливо користење на планината.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира