НАД 95 ОТСТО ОД БОГДАНЧАНИ ГЛАСАЛЕ ПРОТИВ КАЗАНДОЛ И РУДНИЦИ ВО ОПШТИНАТА

    НАД 95 ОТСТО ОД БОГДАНЧАНИ ГЛАСАЛЕ ПРОТИВ КАЗАНДОЛ И РУДНИЦИ ВО ОПШТИНАТАОд 6.918 граѓани со право на глас, на изјаснување излегле околу 4.200 жители од Богданци, но и од населените места Стојаково, Ѓавато и Селемли. - Од референдумот во Богданци (Фото: СДК.МК)

    Жителите на Богданци изгласаа стопирање на изградбата на рудникот Казандол во Валандово, но и да не се отвараат рударски комплекси во нивната општина. Ова е епилогот од денешниот референдум во општина Богданци каде што од 6.918 граѓани со право на глас, на изјаснување излегле околу 4.200 жители од Богданци, но и од населените места Стојаково, Ѓавато и Селемли. Од нив, според граѓанската иницијатива „Спас за Богданци“, против изградбата на рудникот Казандол и да нема рудници за метални минерални суровини се изјасниле 4.120 граѓани, додека „за“ заокружиме околу 80 граѓани.

    „Граѓаните на Богданци јасно и недвосмислено си кажаа дека рударски комплекси не им се потребни во нивната општина. Под итно треба да се стопира Казандол бидејки, заради ветрот сета прашина ке дојде овде и ке се збогуваме со чистата животна средина. Гевгелија, ние, утре задутре Дојран, Валандово ако кажат против, централната власт треба да ја почитува волјата на околу 50 илјади граѓанит од овие општини и да стопира се што е тешка индустрија во овој дел од државата“, рече Јован Џалев од граѓанската иницијатива „Спас за Богданци“, кој смета дека подобро да се платат пенали, отколку да трпи населението.

    Од ОИК на Богданци кажаа дека пред полноќ ќе ги имаат првичните неофицијални информации, но според избирачките одбори кои ги носеа резултатите, над 95 отсто од излезените граѓани се изјасниле против рудници.

    Граѓаните на Богданци сметаат дека резултатот од референдумот испраќа јасен сигнал оти доделувањата концесии за рударски комплекси во југоистокот се доделени без консултација на јавноста, ниту пак да се побара нивното мислење.

    „На јавните расправи за Казандол дали имаше десетина вистински граѓани, останатите беа или од компанијата или од општината и буквално никој не знаеше за можните последици. Апелирам во иднина за вакви работи задолжително да се слушне мислењето на граѓаните, а не власта на своја рака да дава концесии и за детални геолошки истражувања и за експлоатација“, велат богданчани.

    Богданци е првата општина која кажа „не“ за Казандол. За овој комплекс идната недела ќе се изјаснуваат и жителите на Дојран, додека Валандовочани чекаат одлука за референдум од општинските власти бидејќи ги собраа потребните потписи.
    Во април на референдум негативно за рудници се изјаснија и гевгеличани кои забранија отварање рудници за злато на планината Кожуф.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира