Судијката Валентина Ѓоргиевска им даде рок по 45 дена и на стечајниот управник и на двете банки доверители, да подготват план за реорганизација, кој ќе биде ставен на дневен ред на Собранието на доверители на АД Фени во стечај.
„Доверителите Комерцијална Банка АД Скопје и Стопанска Банка АД Скопје до стечајниот судија поднесоа во текот на отворената стечајна постапка иницијатива за план за реорганизација. Истото тоа го стори и стечајниот управник Мирослав Анастасиевски. Имаат рок до кога ќе ги достават тие планови, по кои ќе се произнесат доверители на Собранието“, рече судијката Ѓоргиевска.
Претходно стечајниот управник Мирослав Анастасиевски поднесе извештај за економско – финансиската состојба на друштвото, кое неколку години наназад било веќе во банкрот, но никој не презел соодветни мерки и да прогласи таква состојба.
„Извршени се анализи во периодот од 2012 до 2017 година. За 2016 нема завршна сметка ниту ревизорски извештај, кој пак за 2015 е поднесен во 2017. Друштвото е неликвидно, бележи пад на приходи од 2013 година, од кога покажува загуби. Финансиските показатели имаат негативен тренд и со примена на соодветна стручна метода за утврдување дали една фирма е за банкрот, коефициентот е 2,9, кај должникот тие коефициенти од 2012 година бележат пад и стигнале на коефициент од 1,20 требало да банкротира. Тоа било во периодот 2014-2015“, рече стечајниот Атанасиевски и се пожали дека за осумте дена откако извештајот бил на увид на јавноста, никој од доверителите не се јавил да го побара да го види.
Најголеми доверители во АД Фени во стечај се Комерцијална Банка АД Скопје со 35%, Стопанска банка АД Скопје со 22% и имаат најголема моќ со мнозинство гласови да ги донесуваат сите одлуки. УЈП е трет по големина доверител со 7,8%. Фирмата „Кунико“ со два предлози се обиде да го одложи денешното рочиште, но и двата беа отфрлени, за смена на стечајниот управник и барање за дополнетата коригирана шема за побарувања. За претседателот на СИЕР Пеце Ристевски, со ова рочиште конечно започнал стечајот во Фени, кое имало доста нестандардни моменти.
„Со овие два плана за реорганизација, можеме да претпоставиме дека зад едниот некој стои, зад другиот времето ќе покаже. Самата стечајна постапка во Фени индустри се води на поспецифичен начин, имајќи во предвид дека тој е единствен случај да продолжат со работење наспроти Законот, кој е прецизен дека со отворањето на стечај им престанува работниот однос. Се договоривме работниците да земаат 75 отсто плата иако ништо не работат“, рече Ристевски.
Со планот за реорганизација се најавува како фирмата ќе продолжи да работи, колку средства ќе се инвестираат, во кој рок, колку вработени планираат да ангажираат. Не мина обидот да се зголеми бројот на членови од одбор на доверители од пет на седум, мнозинските доверители банките беа против. И додека траеше повеќечасовната прозивка за присутните доверители, кои беа бројни, во судницата која беше претесна да ги прими сите, едни бараа да се отвори прозорот за да влезе воздух, други негираа. Во една таква ситуација тие што беа блиску до прозорот, реагираа дека наместо воздух влегува мирисот на блиската скара, по некој од адвокати дофрли „нарачај една десетка со кромид“.
П. ПЕЧКОВ