НАМЕСТО ЗАТВОРАЊЕ ФАБРИКИ, ТРЕБА ДА СЕ БОРИМЕ ЗА МОДЕРНИЗАЦИЈА И ОДРЖЛИВ РАСТ, ВЕЛАТ ОД „ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ“ ПРЕД 9. ТЕКСТИЛИЈАДА ВО ШТИП

    НАМЕСТО ЗАТВОРАЊЕ ФАБРИКИ, ТРЕБА ДА СЕ БОРИМЕ ЗА МОДЕРНИЗАЦИЈА И ОДРЖЛИВ РАСТ, ВЕЛАТ ОД „ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ“ ПРЕД 9. ТЕКСТИЛИЈАДА ВО ШТИПВо рамките на манифестцијата, кај ОУ „Ванчо Прќе“ во центарот на Штип ќе се открие муралот „Иднината на текстилниот град“ (Фото: СДК.МК)

    Корупцијата не е апстрактен концепт, таа е реалност со која работниците живеат секојдневно, од злоупотребата на службените позиции, селективното спроведување на законите, клиентелистичкото вработување, игнорирањето на извештаите за кршење на работничките права… Но, бидејќи корупцијата не е мода и не смее да е наша релност, наместо затворање на фабрики, како што се случува во последните месеци, треба да се бориме за нивни опстанок, нивна модернизација, одржлив раст и за социјален дијалог“, велат од „Гласен Текстилец“.

    Со овие основни теми и постулати и со одржувањето на интернационален форум за модернизација и развој на приватниот сектор, денеска во Штип започна 9. Текстилијада. На форумот зборуваа претставници на текстилни компании кои ги изнесоа проблемите со кои се судруваат, а учествуваше и заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристевски.

    Не само во Македонија, текстилната индустрија и на светско ниво е под удар на неповолните економски текови, па затоа ние како министерство донесовме повеќе активни мерки што ги користат сите компании. Со оперативниот план за тековната година, преку Агенцијата за вработување мерките ги користат 47 текстилни компании. Со Законот за финансиска поддршка се издвоени 33 милиони евра, што ги користат 192 компании, од кои 27 се текстилни или сите донесени мерки веќе ги користат 80 текстилни компании“, рече Ристески.

    Во двата дена на манифестацијата предвидени се и синдикални дебати за сите суштински прашања кои го засегаат работникот, посебно во сферата на текстилната индустрија, која веќе почна да се соочува со затворање фабрики без никакво објаснување и со неисполнување на основните работнички и човекови права по основ на работниот однос.

    Координаторката и претседателка на здружението „Гласен текстилец“ и на самата манифестација Текстилијада, Кристина Ампева, кажа дека вакви форуми и дебати се одржуваат кога е најактуелно во текстилната индустрија.

    За жал, мораме да констатираме дека веќе деветта година говориме за исти или слични проблеми, посебно работниците, кои ги губат своите работнички права. Ние сме должни да ги информираме владата и сите државни институции и се надеваме дека нашите апели и повици ќе допрат да најнадлежните“, вели Ампева.

    Во рамките на манифестцијата, кај ОУ „Ванчо Прќе“ во центарот на Штип ќе се открие муралот „Иднината на текстилниот град“, ќе има регионална конференција за родово одговорно буџетирање во Источна Македонија, ќе се одржи литературниот конкурс „Мојот свет без корупција“, а во мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ вечерва ќе се отвори визуелната изложба „Градот што шиеше историја“.

    За утре се предвидени неколку дебатни средби, а манифестацијата ќе заврши со промоција на весникот „Гласен текстилец“, театарската претстава „Ова е вистина, не е театар“, изложбата на стрип „Супер синдикалка“ и со јавна изјава „Гласови од истокот“.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира