НАРОДНОТО ЈАДЕЊЕ ЛАПА СЕ СЛАВИ СО ФЕСТИВАЛ ВО ВИНИЧКОТО СЕЛО ГРАДЕЦ СО 500 КУЌИ, ОД КОИ ПОЛА СЕ ПРАЗНИ ПОРАДИ ИСЕЛУВАЊЕТО

    НАРОДНОТО ЈАДЕЊЕ ЛАПА СЕ СЛАВИ СО ФЕСТИВАЛ ВО ВИНИЧКОТО СЕЛО ГРАДЕЦ СО 500 КУЌИ, ОД КОИ ПОЛА СЕ ПРАЗНИ ПОРАДИ ИСЕЛУВАЊЕТОУредени штандови кои го симболизираат народното, културното и општественото богатство и традиција на селото Градец, каде жителите го нудеа главниот специјалитет од ориз, лапа. (Фото: СДК.МК)

    Втора година во селото Градец, Општина Виница, оддалечено од градот 4 километри, се одржува народната манифестација „Лапа“ која го слави традиционалното јадење лапа од скршен ориз (уфак), варена вода и семе од афион, толчено во дибек сѐ додека од него не потече масло. Оваа смеса се разредува најпрвин во студена, а потоа се става во зовриена вода, па се додава оризот сѐ додека не се добие еднолична згусната смеса. Овој специјалитет е уникатен во Кочанско-Виничкиот крај каде главна земјоделска култура е оризот.

    Селото Градец, сместено во живописен крај во подножјето на планината Плачковица, буквално под врвот Лисец, порано имало 2.000 жители, но денес има едвај илјада. Селото има 500 куќи, но како што велат жителите, половината се празни. Затоа, организаторите сметаат дека манифестацијата „Лапа“ е негување на народните традиции и обичаи, но истовремено е обид за враќање на иселените. Се смета дека во Источна Македонија, Општина Виница е една од водечките со раселувањето, а во самата општина селото Градец е на врвот по бројот на иселеници.

    Манифестацијата „Лапа-фест“ помина со голема посетеност. Речиси сите жители на селото Градец беа присутни, а имаше голем број луѓе од соседните села, најмногу од Виница, но и неколку групи од Холандија, Шведска и Германија кои дошле во своето родно место специјално за Крстовден и за „Лапа“.

    Речиси преку целиот ден имаше културно-уметничка програма со настап на неколку друштва и ансамбли од Кочанско-Виничкиот крај и еден ансамбал од Крушевац, Србија. (Фото: СДК.МК)

    Јасенка Ѓеоргиевски, еден од организаторите, вели дека овие денови со посебно руво се новореновираната црква „Свети Илија“ која од година в година се проширува и се доградува со посебни кујни и настрешници кои можат да соберат стотина посетители. Во црковниот двор беа сместени штандовите на кои е презентирано културното наследство на Градец, а како хуманитарна акција се продаваше специјалитетот лапа.

    На еден од штандовите беше и Вена Ристовска од Градец,  облечена во народна носија која ѝ била подарена од баба ѝ. На нејзиниот штанд имаше експонати од главните обележја на Градец, цвеќиња, чаеви, низа со везени пиперки, крошни со овошје, дрвен дибек за толчење афионово семе и грниња со зготвена лапа. На соседните штандови, млади девојки како дел од хуманитарната акција, продаваа мед и канчиња лапа за 50 и 100 денари.

    Готвачите Љупчо Цветановски, Димче Николовски, Нада Вангеловска, сите од Градец, и Здравко Трајанов од селото Јакимово, како главен мајстор, зготвија грав со пушена сланина за сите учесници на културно-уметничката програма и за неколкуте стотици посетители, а за хуманитарната акција приготвија над 300 килограми лапа.

    „Лапа приготвија и дваесетината учесници во натпреварот, а посебното жири за најдобар специјалитет ја прогласи лапата на Боки Јорданов од Кочани, второто место го освои Нада Петрова исто така од Кочани, а третото место за Николина Стаменковска од селото Лески во Општина Виница. Тие добија пехари и вредносни награди спрема освоеното место“, вели креативната директорка на манифестацијата Маријана Николова.

    Црквата „Свети Илија“ во селото Градец со уреден двор, секоја години се доградува со нови помошни простории каде се дели ручек и секој добива канче со специјалитетот лапа. (Фото: СДК.МК)

    Веднаш до црквата е и зградата на ОУ „Славчо Стојменски“, кое годинава беше домаќин на неколку културно-уметнички друштва од регионот и од странство. Културно-уметничката програма траеше повеќе часови при што настапија друштвата „Вера Јоциќ“ од Македонска Каменица, „Винеа“ од Виница, љнсамблот за традиционална музика и игра „Митко Алексов“ од Кочани, младиот музички состав „Кочански извори“ од селото Оризари и уметничкиот ансамбал „Бисер“ од Крушевац, Србија.

    Јасенка Ѓеоргиевски и соселанките Лидија Вангелова, Николина Илиева, Валерија Митева и Наташа Ристовска ја формирале граѓанската организација „Лапа-фест“ и заедно со останатите жители на селото успешно ја организираат манифестацијата.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира