Од Движењето „Анти коцкање“ од Тетово се задоволни од исходот од гласањето во Собранието со кое се донесе новиот Закон за игри на среќа. Овој Закон предвидува, меѓу другото, казината, спортските обложувалници и другите објекти каде се приредуваат игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од образовните институции.
„Свесни сме дека овој Закон не го решава проблемот во целина како што бараше Движењето „Анти коцкање“. Сметаме дека ова е еден добар почеток во борбата против оваа негативна појава. Сега, за прв пар се споменува дистанца која значително ќе влијае за заштита на нашите деца и нашите семејства“, изјави Џемал Абдиу, од Движењето „Анти коцкање“.
Од „Анти коцкање“ велат дека зад големиот број објекти за коцкање и зад малиот број гласови со кој е изгласан овој Закон, стојат моќни олигарси и големи бизнис интереси. Но, и покрај ова од Движењето „Анти коцкање“ велат дека ќе продолжат да се борат против секаков вид коцкање, било тоа да е физичко или онлајн.
„Наша крајна цел е затварање на сите игри на среќа. Затоа, донесувањето на Законот за игри на среќа го поздравуваме само како прв чекор, каде овие објекти треба да се дислоцираат на 500 метри од образовните институции, но ние ќе продолжиме со битката до конечно затварање и дислокација на сите објекти на игри на среќа“, дополнува Абдиу.
З. АНДОНОВ