НАВАЛЕНИ БАНДЕРИ И ИСКИНАТИ ЕЛЕКТРИЧНИ КАБЛИ ВО ТУРИСТИЧКАТА НАСЕЛБА ЕЛЕН КАМЕН, ЖИТЕЛИТЕ СТРАВУВААТ ОД ПОЖАРИ

    НАВАЛЕНИ БАНДЕРИ И ИСКИНАТИ ЕЛЕКТРИЧНИ КАБЛИ ВО ТУРИСТИЧКАТА НАСЕЛБА ЕЛЕН КАМЕН, ЖИТЕЛИТЕ СТРАВУВААТ ОД ПОЖАРИЖителите стравуваат од можни пожари поради оштетувањата на електричната мрежа и небезбедните кабли кои се под напон. (Фото: СДК.МК)

    Навалени бандери и искинати електрични кабли останаа во туристичката населба Елен Камен по невремето и врнежите од снег во Струшко што се случи во петокот. Жителите велат дека и по неколку дена сликата е иста и стравуваат од можни пожари поради оштетувањата на електричната мрежа и небезбедните кабли кои се под напон.

    Пријавиле неколку пати во ЕВН, но надлежните уште не излегле на терен за да ја санираат состојбата. Велат дека струјата е со повремени прекини што дополнително им предизвикува проблем за електричните апарати во домаќинствата.

    „Имаме проблеми со дистрибуцијата на електрична енергија не е постојана, комплетно мрежата е застарена имаме побарано поддршка, но ја немаме добиено. Апелираме како Месна заедница под итно да се решат овие проблеми, бидејќи истите овие жици допираат до суви дрва и може да се предизвика огромен пожар“, вели Емил Попоски претседател на Месна заедница Елен Камен.

    Во населбата има над 100 викенд-куќи, а дел од жителите и во овој период престојуваат таму. Се жалат и на тоа што надлежните и по два месеца ги немаат расчистено огромните карпи на патот како последица од огромниот одрон кој падна од надвиснатата карпа над населбата.

    „Ова е елитна населба распослана на брегот на Охридското Езеро, но е во катастрофална состојба. Никој не води грижа. Не се презедоа ни мерки за санирање на водоводната мрежа која настрада од одронот кој се случи пред повеќе од два месеци. Патот кој води до населбата е ископан и полн со дупки“, велат мештаните и бараат Општината да го санира патот.

    „Патот е руиниран не може да се стигне до населбата, колите се потполно оштетени по овој пат. Истовремено имаме дадено апел за овој ѕид кој е пред паѓање а општината нема интерес да се направи истиот“, додава Попоски.

    Огромната карпа се урна на патот кој води кон селото Радожда и е фреквентен со возила во октомври, но за среќа, големите камењата ја оштетија само банкината над Елен Камен.

    Жителите велат дека опасноста сè уште постои оти со голо око се гледаат пукнатините од местото каде се отцепил одронот а надлежните сеуште немаат поставено соодветна заштита.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира