Навремените прегледи се единствениот лек за заштита од т. н. машки болести, кажа урологот д-р Сашо Дохчев на трибината за машкото здравје одржана во Велес, во организација на здружението „Мовембер“. Под машки болести се подразбираат рак на простата, тестиси и на пенис.
„Навреме, навреме, навреме, тоа е пораката не само за овој месец, туку преку цела година, која мажите, без оглед на возраста, треба да ја практикуваат“, порача Дохчев, кој 15 години доаѓа и оперира во велешката болница.
За карциномот на простата потенцира дека е често заболување, на врвот од карциномските машки заболувања, според литература кај мажите над 40-годишна возраст, во пракса над 50 години.
„Превентивата е најдобар лек. Во скандинавските држави има задолжителни прегледи, годишен преглед за целата машка популација, за секој поединец. Тоа е скапа метода, но тие држави можат да си дозволат. Пациентот кој нема да се јави на преглед, а добие рак на простата, приватно си ги плаќа трошоците за лекување. Последнава година разговаравме со Министерството за здравство вакви скрининг прегледи да има и во Македонија, имаше ветувања дека ќе се реализира, но до денес ништо не се случи“, кажа Дохчев.
Лекувањето на рак на простата е оперативно преку три методи -класична, лапараскопска и роботика. Пациентите по операцијата продолжуваат со живот и десет и повеќе години.
„Постоперативно се дава хормонална терапија за да се сузбие машкиот хормон тестостерон, кој во младоста е потребен, но подоцна прави проблем бидејќи прогресијата на болеста зависи од нивото на тестостеронот и мора да се елиминира доживотно“, рече Дохчев.
Тој зборуваше и за другите два вида рак, на тестиси и пенис, кои биле далеку поопасни болести.
„Рак на тестиси се јавува од пубертет до 40 години и тоа е многу опасно заболување. Рак на пенис е редок, но многу опасен, се јавува кај повозрасната популација над 50 години, кај лица со фимоза на пенисот и кај дијабетичари. Лекувањето е исклучиво оперативно“, објасни Дохчев.
Докторот констатираше од искуство дека, за среќа, последните десетина години се менува менталитетот кај мажите и тие доаѓале сѐ почесто на преглед.
Тринаесет години преку различни форми, здружението „Мовембер“ од Велес ја подига свеста за машкото здравје. Неговите членови овој месец пуштаат мустаќи. На голема забава в сабота традиционално ќе се избираат и најмустаќ на Велес и мустаќ во обид.
П. ПЕЧКОВ



