НЕДОСТИГААТ СТРУЧНИ КАДРИ ВО РЕК, ДЕЛ ЗАМИНУВААТ ВО ПРИВАТЕН СЕКТОР ЗА ПОВИСОКИ ПЛАТИ, ПА СЕ ПОТТИКНУВААТ МЛАДИТЕ ДА УЧАТ СТРУЧНИ УЧИЛИШТА

    НЕДОСТИГААТ СТРУЧНИ КАДРИ ВО РЕК, ДЕЛ ЗАМИНУВААТ ВО ПРИВАТЕН СЕКТОР ЗА ПОВИСОКИ ПЛАТИ, ПА СЕ ПОТТИКНУВААТ МЛАДИТЕ ДА УЧАТ СТРУЧНИ УЧИЛИШТАПроизводството на струја во првите шест месеци е 102 проценти од планираното, а тоа е за 45 проценти повеќе во споредба со периодот од пред две години. (Фото: СДК.МК)

    Македонскиот енергетски стожер РЕК Битола, кој обезбедува најголем процент од домашното производство на струја, се соочува со недостиг на квалификуван кадар со средна стручна подготовка како бравари заварувачи, дреари, но фалат и инженерски кадри посебно рударски.

    Ваквата состојба се должи на укинувањето на образовните стручни профили со втор и трет степен во стручните училишта од каде излегуваа занаетчии, со воведувањето на задолжителното стручно образование.

    РЕК, кој долги години важеше како фирма со високи плати, сепак не е имун ни на одливот на кадри во приватни фирми за повисоки плати. Бројот на вработени во последните години преку пензионирање и одлив на кадри се намалил за една четвртина.

    „Пред неколку години тука работеа 2.700 работници, а опслужуваа еден рудник и термоелектрана. Моментално работиме со 2.080 постојани вработувања и 400 агенциски во два рудници и термоелектрана. Тоа е показател дека имаме недостиг на стручна работна сила од стручните училишта. Ги немаме вториот и третиот степен во образованието, а се јавува и дефицит во инженерски кадар. Имаме проблем зашто наши вработени со средно и високо образование заминуваат во други фирми зашто ги немаме високите плати што таму им се нудат.Тоа е сериозен проблем и треба да се работи на надминување на тоа“, вели Пеце Матевски, генерален директор на РЕК Битола. Комбинатот за да ги мотивира младите да се запишат во техничките стручни училишта и инженерски факултети особено се вложува во поддршката на дуалното образование.

    „РЕК ги отвора вратите за сите средношколци да започнат да изведуваат стручна настава, а наше стручно лице ќе им помогне. Ова е еден пример сите заедно да се избориме за нашите ученици да ги стекнат потребните стручни знаења и во иднина да работат во нашиот комбинат”, рече Матевски.

    Гоце Тодоровски, специјалист по електроенергетика од РЕК, е првиот сертифициран ментор во комбинатот за пракса на ученици опфатени со дуално образование.

    „Дуалното образование е учење преку работа, зголемен број часови на пракса. Праксата и теоријата кога ќе се спојат резултатот е голем. Се надевам дека комбинатот ќе има бенефит од ваквите активности. Јас и порано работев со ученици, но сертификатот ми дава поголема одговорност да им ги пренесам знаењата и стекнатите вештини”, рече Тодоровски.

    Инаку, раководството на Комбинатот соопшти дека РЕК се подготвува за новата грејна сезона. Производството на струја во првите шест месеци е 102 проценти од планираното, а тоа е за 45 проценти повеќе во споредба со периодот од пред две години. На депонија има над 300.000 тони јаглен. Во тек е ремонт на првиот блок што ќе трае 45 дена , а потоа ќе следува ремонт на вториот блок.

    Воедно, започната е една од најголемите операции во рудници со поместување на јаглеродниот систем по 30 години со што ќе се овозможи поголем ископ на јаглен и стабилно производство на струја.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира