Поради неисплатено грозје, неисплатени субвенции и поради мрзнење на лозовите и овошните насади, денеска лозари од неколку општини од Тиквешијата како најголем лозарски регион во Македонија, половина час го блокираа патот Градско-Прилеп, кај Росоман. На протестот имаше и овоштари, со оглед на тоа што росоманско е најголем производител на праски во државата. Присутните на протестот побараа остварување на нивните права како најзагрозена категорија на граѓани. Беше побарана и вонредна седница на Советот на општина Кавадарци.
Еден од учесниците на протестот, регистрираниот земјоделец Драган Петров, вели дека се борат за парче леб и додаде дека никој не им верува дека се во мат позиција.
„Ние се бориме за парче леб и кинеме од срце? Ако некој може да живее јадејќи камен, или како стоката слама, нека пропадне цело земјоделство и нека пропаднеме ние. Бевме работници кои отидоа во стечај. Некои во времето на СДСМ, некои во времето на ВМРО-ДПМНЕ: Јас во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Животот ми е загорчен од ВМРО. Во секој поглед, ние сме отепани што се вели од сите страни. Ние и требаме на државата, не сакаме кога си ги бараме парите за предаденото грозје, да се правдаат дека винариите се приватни субјекти. Сите јадеме од земјоделството. Обезбедуваме земјоделско производство за дома и за извоз. Ако не сме потребни нека кажат, ние ќе се иселиме. На мои 54 години во секој момент сум спремен за да заминам од државата. Да оставам сè. Од прадедо се бореле за Македонија. Нема поголем патриот од мене. Јас сум роден со ВМРО. И одгледан и воспитан за Македонија. Вака ништо не бива. Зборувам со револт”, рече Петров.
Тој изрази незадоволство од изјавите од надлежните, дека биле исплатени дел од субвенциите. Смета дека дел од субвенциите биле исплатени строго партиски, на партиска основа.
„Јас мислам дека предноста при исплатата треба да имаат регистрираните земјоделци, на кои тоа им е основната дејност од која живеат. Не може некој кој зема плата од буџетот и регрес за годишен одмор, земјоделството му е дополнителна дејност, прв да добие субвенции”, реагираше тој.
Горан Ристиќ од неготинското село Тимјаник протестираше поради неисплатени грозје и субвенции.
„Чист земјоделец сум, деветчлено семејство сме и чекаме само од земјоделство, одгледуваме околу седумдесет декари лозје. Имаме и големо измрзнување од пролетните мразеви, стопроцентно мрзнење на околу седумдесет отсто од површините. Проблемот е тежок. Човек да не е во нашата кожа. Оти со плата е тешко да се живее, а пак без плата никако не може да се преживее. А имаме и деца мали во фамилијата од кои секое своето си го бара. Тука сум за субвенциите ако може да ни се дадат и да се констатираат мрзнењата, па да добиеме обесштетување. За да го продолжиме животот”, рече Ристиќ.
На протест излезе и Благој Соколов.
„Со оглед на ситуацијата во која се најде Република Македонија од политички аспект, денеска ние земјоделците од Тиквешкиот регион се одлучивме за еден предупредувачки мирен протест, поради проблемите во земјоделството. Се организираат протестни собири во државата за одбрана на државата, а одбрана на државата се овие родни полиња наоколу. Овој предупредувачки протест во наредните денови може да се радикализира”, изјави Соколов.
Диме Станоев рече дека во државава ниту има организирано производство, ниту откуп, ниту гарантирани цени, ниту пак редовна исплата.
„Ситуацијата оди на сè полошо и полошо според мене. Има лозари на кои не им е исплатено грозјето за две години. Па како ќе преживеат. А гледаме дека производствената цена е рамна на откупната цена. И секогаш на производителот не му останува ниту еден денар за него, да му се плати трудот. Немаме помош од никого, залудно се обидуваат да ни стават розови наочари”, дециден беше Станоев, кој изрази незадоволство од луѓето кои ја водат државата, но и од незаинтересираноста на самите земјоделци да ги решаваат проблемите кои ги тиштат околу десет илјади лозарски семејства во Тиквешијата.