НЕКОГАШНАТА ЗГРАДА НА РАДИО ШТИП ПРОПАЃА 20 ГОДИНИ, ДРЖАВАТА НЕ ЗНАЕ ШТО ДА ПРАВИ СО НЕА

    НЕКОГАШНАТА ЗГРАДА НА РАДИО ШТИП ПРОПАЃА 20 ГОДИНИ, ДРЖАВАТА НЕ ЗНАЕ ШТО ДА ПРАВИ СО НЕАШтипјани ја паметат зградата како култно место, а сега се згрозуваат од неа (Фото: СДК.МК)

    Зградата на поранешното Радио Штип, во која подоцна беше и седиште на Првата детска амбасада во овој град, за 20 години се претвори во една голема руина и грдотија на градот. Зградата се наоѓа во месноста Св. Илија, во непосредна близина на Народната универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ и Текстилното училиште.

    Го посетивме просторот и наидовме на повеќе револтирани граѓани кои живеат во соседните куќи и на неколкумина носталгични, поранешни вработени во Радио Штип.

    „Оваа зграда беше култно место. На ова радио имаше детски и младински емисии, емисии за највозрасните и секојдневно во директната програма гостуваа слушатели од сите возрасти. Радиото и Детската амбасада беа едукативен центар на градот, но и за другите општини, затоа што радиото беше слушано речиси во цела Македонија. Просторот околу зградата беше оплеменет со дрвја и зеленило и беше вистински парк“, велат жителите од соседството.

    Дворот на зградата некогаш беше парк, а сега е полн со отпадоци и шприцеви (Фото: СДК.МК)

    Тоа сега е разурната зграда, целата со графити, а паркот е обраснат со трње и трева и насекаде има шприцеви и други отпадоци.

    „Денес, додека преку ден ги шетаме нашите домашни миленици во дворот на зградата гледаме разни отпадоци, пластични шишиња, но и стотина шприцеви со различни големини. Ние кои живееме тука не смееме навечер ниту да се приближиме на ова место, кое очигледно е собиралиште на наркозависници“; вели Баже Донев.

    Неговиот сосед Јордан Смилев се згрозува кога ќе му го спомнеме ова место.

    „Од старата, но убава зграда не остана ништо. Гредите од покривот и дрвените врати и прозорци се извадени, ѕидовите се разрушени и ишарани со графити. Ние, мештаните, заедно со некои младински организации, досега организиравме повеќе акции за собирање на сметот и исфрливме девет трактори со отпаден материјал. Но, не се постигнува, и натаму има ѓубре на тони“, вели Смилев.

    Досега пропаднаа неколку обиди објектот да се пренамени и реновира (Фото: СДК.МК)

    Кога Радио Штип пред 20 години се пресели во други простории, во зградата се всели Првата детска амбасада. Но, по неколку години таа згасна, па зградата била дадена на НУ библиотека „Гоце Делчев“.

    „Во април 2006 година, кога премиер беше Владо Бучковски, Владата донесе одлука овој објект да ѝ го предаде на управување на Народната библиотека ‘Гоце Делчев‘, за што беше изготвен е геодетски елаборат“, вели Соња Манева, библиотекар и архивар во оваа национална установа.

    Директорката Благица Спиридонова објаснува дека претходната локална власт при крајот на мандатот почнала со активности за претворање на овој објект во дом за стари и изнемоштени лица, а едно време и Центарот за социјални работи реновирал, но брзо ги прекинал работите.

    „Библиотеката изготви идеен проект за обновување на зградата и за нејзино адаптирање во читална за студенти и со мали доградби, да ја поврзе со зградата на библиотеката. Но, сите активности биле прекинати. Не само што немаше средства, туку и зашто целиот комплекс, во кој се наоѓа и црквата Св. Илија, бил заштитен како културно наследство, па не биле дозволени никакви други градби“, вели Спиридонова.

    Во Општина Штип велат дека проблемот со оваа локација е предмет на расправа. Во Одделението за урбанизам велат дека било предвидено со истата статика и габарит зградата да се реновира и просторот околу неа да се уреди. Што ќе биде, оставиле да се договорат Министерството за култура и Министерството за труд и социјална политика кое било заинтересирано да го стори обновувањето затоа што земјиштето се води како државен имот.

    За оваа локација е заинтересирана и Дирекцијата на Источно-планскиот Регион. Раководителот Драгица Здравева рече дека ако Општината ги реши имотно-правните прашања и го стави овој објект во приоритетите, тие веднаш ќе го вметнат во годишната програма за реализација и за тоа ќе бараат средства од европските фондови.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира