Нема повредени во несреќата кога падна кран врз објект во градба во поранешната битолска Касарна, потврди полицијата. Од СВР Битола првично изјавија дека во несреќата има и повредени, зашто така им било пријавено, но по час и пол соопштија дека во извршениот увид е констатирано дека нема повредени.
„Во 14:30 во СВР Битола пристигна пријава од граѓанин, а потоа и од уште неколку други граѓани кои забележале дека паднал кран на градилиште во поранешната касарна. Наши полициски службеници веднаш излегоа на терен, извршија увид и констатираа дека нема повредени лица, ниту пак има пријава за повредени лица во битолската Клиничка болница. Сепак, според процедурата, вршиме утврдување на причините за пад на кранот“, велат од битолската полиција.
Кранот висок повеќе метри падна денеска околу 14 часот, а оштети и дел од објектот во градба.
И од Битолската болница ни изјавија дека досега нема донесено повредени. За време на несреќата на објектот работници изведувале градежни работи.
На просторот од поранешната битолска касарна се гради комплекс згради и трговски центар.
Ж. ЗДРАВКОВСКА