Распука асфалтот на улицата Бурса во Битола која беше асфалтирана пред неполн месец. Советникот Иван Чулакоски, од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, објави видео снимено на распуканиот дел од делницата, во кое за да покаже колкаво е оштетувањето, подига поголеми парчиња откорнат асфалт.
„Веднаш по реакциите на граѓаните, излеговме на терен, ова е улицата Бурса позната како Индустриска во Битола. Може да видите колку добро е асфалтирана улицата само пред 20 дена“, вели Чулакоски, а под видеото пишува „Шведскиот асфалт на Коњановсен“, алудирајќи на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски на 5 мај дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ со Општините управуваат скандинавски.
Од Општина Битола соопштија дека настаната е девијација на горниот слој на коловозот на неодамна асфалтираната улица во непосредна близина на Битолската пиварница и дека согласно договорот за изведување, настанатото оштетување ќе биде санирано од изведувачот.
„Во тек е гарантниот период и сите аномалии кои се појавиле или ќе се појавуваат, обврска е на изведувачот да ги санира, со цел улицата да има нормален тек и изглед. Градоначалникот во повеќе наврати побара професионалност и одговорност во изведбата на инфраструктурните проекти, нагласувајќи дека, улиците на кои во изминатиот период се појавиле недостатоци по реконструкцијата, ќе бидат коригирани на трошок на изведувачите. Општински средства може да се исплатат само за успешно завршена работа, согласно склучените договори“, соопштија од Општината.
Реконструкцијата беше направена во должина од 2.418 метри и вкупна вредност од 37,6 милиони денари (над 600.000 евра), средствата обезбедени од Светска банка во рамките на проектот за поврзување на локални патишта.
И преходно имаше случаи да се појават оштетувања на штотуку реконструирани и асфалтирани улици во Битола. За два месеца се деформираше и асфалтот на кружниот тек кај старата Ветеринарна станица во Битола, а корекцијата ја изврши изведувачот лани на сопствен трошок по четири и пол месеци.
Ж. ЗДРАВКОВСКА