За само неколку дена, полицијата и вработените од Националниот парк (НП) „Шар Планина“ протерале неколкумина државјани на Албанија и Косово кои илегално ја преминале границата и собирале боровинки. Од полицијата соопштуваат дека деновиве полициски службеници од станицата за граничен надзор Маздрача, заедно со мотопатролната служба на НП „Шар Планина“, привеле четири лица, сите од Албанија, поради сторен прекршок од Законот за заштита на природата и илегално преминување на државната граница меѓу Албанија и Македонија. Тие биле затекнати како собираат боровинки.
Собирањето боровинки во август е во полн ек и е вносна работа за локалното население кое живее во националниот парк. На пазарот во Тетово килограм боровинки се продава од 300 до 400 денари.
„Најмногу ги има од Косово. Кога ќе ги лоцираме, тие се правдаат дека залутале, дека не знаеле во кој дел од планината се, но кај нас тие изговори не поминуваат бидејќи знаеме дека се дојдени да собираат боровинки и чаеви. Оваа година, на нашата страна од Шар Планина има повеќе боровинки отколку на косовската, па затоа доаѓаат и собираат овде кај нас. Ние од НП ‘Шар Планина‘ ги посетивме селата Бродец, Вејце и Вешала, кои се во составот на паркот и разговаравме со жителите за условите под кои можат да ги собираат шумските плодови. Во овие села има многу собирачи, само од Вејце се околу 80, а еден собирач за еден ден може да собере од 35 до 100 килограми боровинки“, велат од НП „Шар Планина“.
Боровинки на Шар Планина можат да берат и посетителите, но само за свои, не и за комерцијални потреби. Тие треба да се пријават дека ќе престојуваат во одреден дел на планината, што може да се направи преку веб-страницата на националниот парк. До собирачите се апелира тоа да го прават на одржлив начин и да не се оштетуваат растенијата.
Покрај ова, од НП „Шар Планина“ работат и на утврдување на количините на диворастечките растенија на територијата на Шар Планина.
„Ова го правиме во соработка со Факултетот за фармација во Скопје, при што се направени неколку пробни површини, каде што ќе се врши мониторинг на дивите растенија. Тој проект ќе трае три години и ќе резултира со податоци за присуството и за можноста за одржливо собирање на таквите растенија. Исто така, во фаза сме на изработка на посебните планови за одгледување и заштита на шумите во заштитено подрачје. Овие планови ги опфаќаат и начините за управување со диворастечките растенија, како боровинки, смрека, печурки и други“, вели Милорад Андриески, раководител на Одделението за одржливо користење на природни ресурси при НП „Шар Планина“.
З. АНДОНОВ