МАКЕДОНСКИ ПАТНИЦИ 16 ЧАСА ЗАГЛАВИЛЕ ВО АВТОБУС НА УНГАРСКАТА ГРАНИЦА НА ПАТ ЗА ГЕРМАНИЈА

    МАКЕДОНСКИ ПАТНИЦИ 16 ЧАСА ЗАГЛАВИЛЕ ВО АВТОБУС НА УНГАРСКАТА ГРАНИЦА НА ПАТ ЗА ГЕРМАНИЈАПатниците, од кои речиси сите се гастербајтери, револтирано праќаат информации до своите најблиски за долгото чекање на унгарската граница

    Повеќе од десет македонски автобуси на редовни линии за Германија и други западноевропски земји се блокирани на унгарската граница Хоргош и над 16 часа чекаат да го продолжат патот. Според најновите информации, неколку автобуси конечно успеале да ја поминат границата.

    Патниците, од кои речиси сите се гастербајтери, револтирано праќаат информации до своите најблиски за долгото чекање на унгарската граница, велејќи дека тамошните служби буквално се изживуваат со патниците, посебно со македонските автобуси.

    Македонските патници и досега биле навикнати на долго чекање на границата со Унгарија, но не повеќе од два-три часа. Српската граница ја минале уште на полноќ.

    Унгарските гранични власти си седат во кацелариите и само одвреме-навреме пропушатат по некој автобус, па и тогаш го пеглаат со прегледи и разни скенери“, велат македонските гастербајтери кои брзаат оти некои од нив оваа ноќ требало да се јават на работа, а други утре наутро.

    Патник од Штип, кој патува на редовна линија Скопје-Берлин, рече дека ова е краен безобразлук.

    Тргнавме од Скопје на 17 август во 9 часот, а еве сега е 16 часот, 18 август, а ние и натаму чекаме на унгарската граница. Досега одев и се враќав од Германија со авион и ова ќе ми биде последен пат да патувам со автобус“, вели револтираниот штипјанец.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира