Писателката Оливера Ќорвезиорска ја доби наградата Рациново признание за 2025, за романот „Три Марии“ во издание на „Арс либрис“.
Жирито во состав проф. д-р Илија Велев (претседател) и членовите проф. д-р Искра Тасевска-Хаџи-Бошкова и м-р Игор Крајчев меѓу 22 пристигнати дела, ја избра книгата на Ќорвезиорска, каде се интегрираат три различни приказни, во форма на краток роман.
Заблагодарувајќи се за наградата авторката кажа дека никогаш ништо не почнува со нас, туку сме фиданки на вековен национален даб.
„Наградата не ја очекував, но се радувам. Наградата за Рациново признание е многу поширока од признанието Роман на годината, или други награди за проза, оти се однесува и на роман, и на раскази, и на поширока смисла на прозен жанр. Потоа името на Рацин е големо. Ништо не почнува од нас, туку продолжуваме што некој пред нас започнал. Континуитетот во книжевноста е многу важен . Сите сме мали камчиња во тој мозаик“, кажа авторката Ќорвезироска.
Еден од ликовите на романот „Три Марии“, потекнува од Велес, еден од ликовите во романот се презива Солев, во книгата има три свадби, едната е кумановска од родниот крај на авторката каде младоженецот се кити со пари, втората е велешка каде се игра младенците играат мавеле, третата свадба била скришна.
Ќорвезироска како награда доби плакета и парична награда од илјада евра и ѝ ги врачија министерот за култура и туризам Зоран Љутков и градоначалникот на Велес Марко Колев.
Се одржа и меѓународна научна конференција на тема „Рациновите одблесоци врз современиот македонски јазик и книжевноста“ во организација на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје.
62. Рацинови средби продолжуваат денес и утре кога ќе биде промовирано тритомното издание „Рацин“. Автори се Венко Андоновски – првиот том за поезијата на Рацин, за проза и публицистика, том два проф.д-р Искра Тасевска- ошкова и третиот том за живописот на Рацин проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Промотор ќе биде академик Катица Ќулавков која е и главен стручен редактор. Утре од 20 часот во амфитеатарот до Младинскиот парк е меѓународниот поетски митинг со 15 учесници од Албанија, Бугарија, Србија и Македонија. По него ќе биде врачено почесното Рациново признание на проф. д-р Намита Субиото од Словенија, вонредна професорка по македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, Словенија. Таа ќе го добие признанието за ширење на македонската литература и култура во странство.
П. ПЕЧКОВ