НИВОТО НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ПОВТОРНО ОПАЃА, ОД ЕЛЕМ ВЕЛАТ НЕ ИСПУШТААТ ДОПОЛНИТЕЛНИ КОЛИЧИНИ ВОДА

    НИВОТО НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ПОВТОРНО ОПАЃА, ОД ЕЛЕМ ВЕЛАТ НЕ ИСПУШТААТ ДОПОЛНИТЕЛНИ КОЛИЧИНИ ВОДАБиoлозите предупредуваат и на појавата на зелени кончести алги кои се најдобар знак дека езерото трпи поради намалената количина на вода (Фото:СДК.МК)

    Нивото на водата во Охридското езеро опаѓа со денови. Последните мерења покaжуваат дека сега водостојот е на 693,19 што е само за два сантиметри над нултата точка од 693.17. Минималната дозволена кота на нивото на езерото e 693,10.

    Намалувањето на водoстојот e видливо со голо око. Биoлозите предупредуваат  и на појавата на зелени кончести алги кои се најдобар знак дека езерото трпи поради намалената количина на вода.Тие се појавуваат при намалувањето на  водостојот и во време на пеколни горештини.

    Невладините организации од Охрид постојано предупредуваат дека ЕЛЕМ го празни езерото за производство на електрична енергија.

    Според податоците објавени на веб страната на ЕЛЕМ денашната кота на Охридското езеро е 693,21, што е за 4 сантиметри над котата 693,17 која Управата за хидрометеоролошки работи ја зема како минимална, додека пак минималната кота која е пропишана од Министерството за животна средина е 693,10.

    Од  АД „ЕЛЕМ“, велат дека водата што ја испуштаат од Охридското Езеро во реката Црн Дрим е минималната пропишана со закон која треба да обезбеди услови за живиот свет во реката. Двете хидроелектрани по течението на Црн Дрим работат само на минималниот доток на вода во реката и не се испуштаат дополнителни количини вода за производство на електрична енергија.

    „Подолго време наназад во Црн Дрим се испуштаат само 3,5 кубни метри во секунда, односно природниот истек со пречник од 25 метри е сведен на отвор од 2,5 метри, истек што задолжително мора да се обезбеди за одржување на биодиверзитетот во реката Црн Дрим. Напоменуваме дека нивото на Охридското Езеро прирoдно осцилира во текот на годината, без разлика дали низводно по Црн Дрим се произведува електрична енергија или не. Регулираното осцилирање кое се прави го следи природното, врз основа на водостопанска дозвола издадена од Mинистерството за животна средина, според кој документ дозволено е осцилирање меѓу котите 693,10 и 693,75“, велат од ЕЛЕМ.

    Од таму додаваат дека секојдневно вложуваат напори, согласно водостопанската дозвола, да одржат баланс, односно да ја одржат котата на Охридското езеро над минималната, а во исто време во Црн Дрим да се испушта вода во количини кои се биолошки минимум.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира