Нoвиот охридски градоначалник Јован Стојановски ги врати на работа во општинската зграда дваесетте административци кои поранешниот градоначалник Никола Бакрачески веднаш по изборот за прв човек на градот во 2013 година ги испрати да работат во село Косел, како истурено општинско одделение.
Тие четири години патуваа од Охрид до Косел, работеа во старата зграда на некогашната општина Косел, во која што немаше никакви услови за пристојна работа.
„Градоначалникот Јован Стојановски овие административни работници ги врати на работа во општинската зграда веднаш по стапнувањето на градоначалничката функција. Тие сега работат во нормални услови и без притисоци на кои што беа подложени со години и беше газено нивното човечко достоинство. Тогашната локална власт за нив велеше дека тие ја заслужиле таа казнена експедиција”, ни изјавија денес од локалната самоуправа во Охрид.
Д. ЧУБРИЌ