Новото време, дигитализацијата, придонесе децата помалку да читаат, а со тоа помал интерес има и за лектирните изданија. Од читателите во велешката библиотека „Гоце Делчев“, повеќе книги изнајмуваат повозрасната категорија, иако вообичаено во летниот период, децата, поточно учениците, повеќе бараа и изнајмуваа книги, лектири за основно и средно образование. Но очигледно дека ова е веќе минато а времињата се изменија.
„Во ова време на дигитализација младите, децата, тешко се мотивираат да читаат. Но, не се откажуваме , библиотеката во соработка со бројни локални институции од културата и од образованието, училиштата, реализираме разни културни настани, промоции на книги, конкурси за литературни творби. Сè со цел да допреме со книгата до најмладата публика“, вели Снежана Бошевска, директорка на велешката библиотека.
Во време кога децата најмногу време минуваат на социјалните мрежи, пред компјутерите, таблетите, мобилните, малку време останува за читање на книгата или потребните лектири. Затоа се наоѓаат начини како децата за се заинтересираат за книгата.
Заради стимулирање на децата да читаат што повеќе, секоја година, библиотеката прогласува најмлад читател и дете до 14 години кое прочитало најмногу книги.
П. ПЕЧКОВ