Растение во вид на грмушката регистрирале нуркачите од спелеонуркачкиот клуб „Врело“ при годинешната експедиција во водите на Големото Езеро на Пелистер. Нуркачите кои повеќе од една деценија нуркаат истражувајќи го подводниот свет во езерото кое се наоѓа на 2.218 метри надморска височина, при претходните ескпедиции не забележале ваква флора. Според извршените снимања, во водата има две до три грмушки кои се наоѓаат во најдлабоките делови на езерото, а достигнуваат висина до половина метар.
„При претходните експедиции во езерото освен алгата друга флора немаше. Ова е за првпат да забележиме вакво растение кое не се совпаѓа со растенијата околу езерото. Претпоставуваме дека можно е таа грмушка да опстојува во езерото, а можно е да е заробена во водите многу години, можеби и од последниот глацијален период. Таа не е затрупана во седиментот“, вели нуркачот Александар Ацев.
За да се утврди што претставува грмушката потребни се дополнителни истражувања, па од клубот аплеираат да се приклучат други експерти, пред сè оние од Хидробилошкиот завод од Охрид со цел да се разјасни енигмата.
Во однос на фауна забележале дека во водите на Големото Езеро повеќе го нема ендемското ракче. Се претпоставува дека го изеле пастрмките со кои порано езерските води биле порибени од извесни планинари. На направените подводни снимки можат да се видат големи пастрмки како пливаат низ езерските води.
„Во соработка со Националниот парк Пелистер следната година планираме да направиме една акција за да се исчисти езерото од пастрмката која ја има прилично многу. Сметаме дека таа го нарушува езерскиот екосистем“, вели Ацев.
Според него, Големото Езеро е како музеј под вода.
„Од предмети во поплиткиот дел сме наидувале на бомби од Прва и Втора светска војна, крушуми, гранати од минофрлачи. Има и шишиња од вино, повеќето скршени, има некои што се зачувани во првобитна форма. Во претходните експедиции учествуваше и пријател од Франција, неговиот дедо некогаш бил со војските на оваа планина и кажал дека пиеле вино. Може е шишињата да се француски од Првата светска војна, а и наликуваат на оние што ги имаме видено, а се вадени претежно од Мариовско“, додава Ацев.
При последните мерења забележале и дека длабочината на езерото се намалила од 15,5 на 14 метри поради големите наноси на седимент на дното на едното од Пелистерските Очи.
Ж. ЗДРАВКОВСКА