Од 2 мај, Националниот парк „Шар Планина“ започнува со систем за наплата на влез на моторни возила на територијата на паркот. Наплатата ќе се врши преку испраќање СМС порака или скенирање на кју-ар код. Наплатата се однесува за сите посетители кои со возила се движат по дозволените патишта низ Националниот парк. Наплатата за влез на коли во туристичкиот центар Попова Шапка засега ќе се одвива на доброволна основа, велат од Паркот.
Наплатата нема да се однесува за жителите на селата во рамките на паркот, сопствениците на приватни имоти и правните лица регистрирани на територијата на паркот. Тие ќе бидат ослободени од плаќање за движење во своите зони.
„Наплатата за влез на моторни возила во туристичкиот центар Попова Шапка засега ќе се одвива на доброволна основа. Сметаме дека има многу совесни граѓани кои преку наплатата ќе придонесат за зачувување и унапредување на животната срдина во ова наше туристичко место. Од контактите што ги имавме до повеќе планинарски клубови, кои се редовни посетители на Шар Планина и Попова Шапка, добивме уверување дека сите се подготвени да плаќаат за влез со своите возила во Националниот парк и во Попова Шапка. Што се однесува до најатрактивните делови на Шар Планина, како што се Лешница, Јелак и уште некои други локалитети, таму наплатата за влез со возило ќе биде задолжителна“, вели Анела Ставревска-Панајотова, раководителка на Одделението за заштита на природата во „Шар Планина“.
Наплатата ќе се врши преку испраќање СМС порака со категорија на возилото и број на регистрација на бројот 144 – 555 или со скенирање на кју-ар код кој е истакнат на огласните табли поставени на патните правци во Националниот парк. Наплатата за мотор и автомобил изнесува 150 денари, за комбе и минибус до 20 седишта, 250 денари за автобус и тешко моторно возило 450 денари.
Тарифите важат за сите посетители кои поединечно или во група се движат со моторни возила по дозволените патишта во Националниот парк. Наплатата ќе се пресметува за секој календарски ден.
З. АНДОНОВ