Општина Штип заедно со модните конфекции во градот од 30 септември до 2 октомври ќе организира отворени модни денови, проект од годинанашната Програма за локален економски развој.
„На Штипските денови на модата ќе учествуваат најдобрите штипски брендови од областа на текстилната индустрија и модни конфекции кои досега нешто значеле во оваа сфера“, вели секретарката на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова, која денеска заедно со модните партнери ја имаше првата фотосесија како увертира за најавените модни денови.
Таа рече дека проектот за преобразба на текстилната и модната индустрија во градот е во рамките на Програмата за локален економски развој и планирано е модните денови да бидат во поранешните простории на фабриката „Македонка“ која е пионер на текстилната индустрија во Македонија.
Во 1970-те па до почетокот на 1990-те, „Македонка“ и модната конфекција „Астибо“ заедно имаа над 8.000 вработени, беа водечки во тогашна Југославија, а со години имаа извоз и репутација не само во Европа, туку и пошироко како големи брендови кои располагаа со сопствено производство и на текстилни и конфекциски материјали. И двете тогашни компании беа поим за текстилните и модните трендови.
Ова е еден вид реинкарнација на модата во Штип, а обидот е втор во самостојна Македонија. Пред повеќе од една деценија, неколку приватни модни компании кои останаа како дел од тогашните „Македонка“ и „Астибо“, посебно оние кои го задржаа овој бренд, имаа мошне успешни модни ревии како онаа на отворено на плоштадот Слобода.
Во „Македонка“ веќе е направена првата фотосесија за модните денови во октомври, а Шорова-Ангелова вели дека оваа година ќе учествуваат најголемите штипски модни брендови, но очекуваат наредните години нивниот број да се зголеми. Очекуваат на отворените модни денови да учествуваат домашни и странски модни компании.
Т. ЈОВАНОВСКИ