Од денеска почна да се одвива сообраќајот по новоизградената патна делница Крупиште-Кочани во должина од 14 километри, што е дел од експресниот пат Штип-Кочани. Нвата делница која минува низ Кочанското Поле чини речиси 18,5 милиони евра. Останува само да се доуреди клучката кај Кочани.
Први делницата ја поминаа премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Напоредно со изградбата на оваа делница минатата година се реконструираше и стариот пат Крупиште-Пробиштип, а во јули 2020 се изгради и експресниот пат од Крупиште до Три Чешми во должина од 14,5 километри, чија изградба чини над 20 милиони евра.
Вкупната ширина на експресниот пат е 11,5 метри, со две сообраќајни ленти со по 3,5 метри и простор за застанување.
Сега, со спојувањето на експресниот пат Кочани-Штип со автопатот Штип-Миладиновци, патниците кои доаѓаат од Бугарија, Делчево и Кочани имаат нови патишта кон Скопје.
Т. ЈОВАНОВСКИ