Тешки денови живеат жителите на селата под штипската планина Серта: Пиперово, Патрик, Лесковица, Лакавица, Степанци, Суво Грло, Селце, Драгоево, Пенуш, но не само тие, туку и животните.
Во највисокото, Селце, цела недела откако избувнаа првите пожари селаните ноќите ги поминуваат на отворено, гледајќи кон врвот на планината од каде се надвисуваат пламени јазици.
„Веќе една недела не можеме да отвориме прозор. На нива и рано насабајле не можеш да работиш оти чадот постојано те тера на кашлање. Дома, затворени само дремиме. Домашната живина што ја имаме , кокошки и крупниот добиток не да дреме, туку од жештините постојано спие. Среќа, имаме бушотини и со вода и ние и домашните животни се спасуваме од горештините“, велат жители од подолното село Лакавица кое е на крсгосницата на патните правци Штип-Радовиш и Неготино.
Тие забележале дека последните денови имало голема вознемиреност на дивите свињи и останатиот дивеч кои во голем број ги има во блиското ловиште на врвот на Серта, како и ловиштето „Лакавица-Патрик“ каде е таканаречениот природен резерват кој се простира на површина од 1200-1500 хектари.
„На овој простор има над 10 видови ситен и крупен дивеч и истиите можат да се забележат и на врвот од патот Штип-Неготино како панично бега од една на друга локација затоа што околу овој заграден ревир во планината неколку дена беснает пожарите. Дознаваме дека ловочуварите и другите одговорни во ловиштата прават се на животните да им обезбедат храна, но пред сè вода оти во овој предел секнале сите извори на вода, а реките во подножјето целосно пресушиле“, велат селаните кои кога се организирале за гаснење на пожарите ги воочиле раздвижувањата на живиот свет на Серта, но додаваат дека е добро што досега не виделе некое пцовисано или изгорено животно.
Т. ЈОВАНОВСКИ