Денеска протече вода во отворениот канал за полнење на Дојранското Езеро од хидросистемот „Ѓавато“, откако изминативе денови немаше ниту капка, за што бурно реагираше јавноста бидејќи алармантно е намалено нивото на езерото. Како што соопштија вработени од хидроистемот, вклучени се три пумпи кои вршат испумпување на водата од бунарите кај „Ѓавато“ во Општина Богданци и низ цевководот долг 22 километри се носи до езерото.
Вработените велат тие веќе три дена работат на отстранување на дефектите кои се појавија откако добиле налог да се активираат техничко исправните пумпи. Вчера водата стаса до Црничани, но поради појава на нов дефект, мораа повторно да ги исклучат пумпите.
Подолг период се алармира дека е потребно санација и реконструкција на целиот цевководот кој е дотраен и оштетен на повеќе позици. Тоа, впрочем, лани во ноември го кажа и министерот за животна средина Изет Меџити, кога истакна дека не се потребни многу пари за да се активира и санира целиот систем и капацитетот на издашноста да биде од 500 до 700 литри во секунда. Иако лани на седница на Владата помина информацијата за Министерството за животна средина да обезбеди пари за санација на системот и да го пушти во употреба, ниту во првичниот ниту во ребалансот на Буџетот не се обезбедија средства за „Ѓавато“.
Со оглед дека нивото на водата во Дорјанското Езеро е намалено за речиси метар, поради што сега е неколку метри повлечена од плажите и закана за уништување на биодиверизитетот во езерото, градоначалнкот на Дојран Анго Ангов побара итно ставање во употреба на техничко исправните пумпи, но и да се обезбедат под итно средства за санација на системот на кој има и доста приклучоци за наводнување на обработливите површини.
В. ТРАЈКОВ