Тетовскиот грав е надалеку прочуен по својот квалитет. Плодната полошка почва дозволува гравот да се сади заедно со пченката и ваквиот начин на производство опстојувал со векови. Но, новото време носи и иновативни начини на производство кои тетовските земјоделци брзо ги прифаќаат.
Една таква иновација, која досега беше непозната на овие простори, е гравот да се одгледува на бамбусови прачки или на прачки од трска. Идејата веднаш беше прифатена, но се јавиле институционални проблеми, кои придонесоа таа брзо да згасне.
„Пред 5-6 години видов во Грција, во реонот на Преспанското Езеро, дека гравот може да се одгледува и малку поразлично од она ние како правиме во Полошко. Со години, а можеби и со векови наназад, ние гравот го садевме заедно со пченката. Гравот, кој нема цврсто стебло, ќе се обвиеше околу пченката и одеднаш одгледувавме две земјоделски култури. Во Грција видов една нова идеја. Гравот наместо по пченката, растеше и се обвиткуваше околу прачки од бамбус или од трска. Таму ни кажаа дека вака гравот е поизложен на сонце, подобро го вее ветер, има поголемо растојание од трап до трап, со подобар квалитет е и, што е најважно, приносот е многукратно поголем. Заедно со пченката, можеме да добиеме најмногу 1.500 килограми грав по хектар. Кога јас почнав да го применувам овој нов метод, извадив 4.000 килограми грав од еден хектар, што е навистина голема разлика“, раскажува Мемет Синани, земјоделец од тетовското село Камењане.
За оваа идеја биле заинтересирани неколку производители од Тетовскиот регион. На почетокот овој иновативен метод наишол на поддршка и од минатата влада, која побарала од заинтересираните земјоделци да се здружат во земјоделска задруга, за да можат на полесен начин да добијат парични средства и субвенции. Министерството за земјоделство на овие одгледувачи им ветувало сигурен пласман на гравот и низа поволности. Така десетмина тетовски земјоделци формирале задруга.
„Само што ја регистриравме задругата, наидовме на институционални проблеми. На задругата ѝ беа ветувани бројни погодности, еве поминаа пет години оттогаш, ни машини добивме, ни пласман се обезбеди, ништо не добивме од ветеното. Ни ветија грант од 80.000 евра за механизација за берење на гравот, па падна на 20.000, па на 2.000 евра и на крај ништо не добивме“, разочарано зборува Мемет.
Сепак, Мемет бил упорен и продолжил со ваквиот начин на производство кој давал многу повисоки приноси од дотогашниот. Но, набрзо се јавиле други, многу посериозни проблеми за кои немало решение.
„Имав посадено 20 декари со грав и за да се собере сиот тој род, потребно е да се ангажира голем број работници, бидејќи бербата се одвива рачно. Но, последниве години работници нема ни за лек. Сите заминаа во странство. Така од првичните 20 декари, сега на овој начин садам грав на само два декара, колку што можам сам да соберам“, вели Мемет.
З. АНДОНОВ