Скапаните и пропаднати бродови кои стојат во Студенчишкиот канал ќе почнат се вадат оваа недела. Поттик за ваква акција беше потонувањето на бродот „Лихнида”, што покажа колкава опасност по животната средина претставуваат овие стари пловила, откако од него се излеа нафта.
Околу „Лихнида” има уште неколку стари бродови, кои ја надополнуваат грдата слика на Студенчишта.
Веднаш по потонувањето на овој брод, Капетанијата во Охрид, во соработка со локалната власт, најави акција за отстранување на старите пловила.
„Не сакам да калкулирам со датуми, но ќе правиме напори овие пловила да почнат да се вадат во текот на идната недела”, кусо ни изјави капетанот на Капетанијата на македонските пристаништа Горан Устијаноски.
Во Студенчишкиот канал најмногу закотвени пловни објекти има во неговиот горен дел. Везовите за глисери и јахти во долниот дел се речиси празни, бидејќи нивни сопственици се лица од други градови што ги закотвуваат овде само на лето.
Д. ЧУБРИЌ