Непознат сторител половина час пред полноќ истурил запалива течност пред гаражата на прилепскиот новинар Зоран Милошески, сопственик на веб порталот „Публикум“ и дописник на неделникот „Фокус“ и порталот „Слободна Македонија“.
За среќа, сосед веднаш го забележал распламтениот оган, случајот го пријавил во полиција и сам со изгаснал огнот.
„Полицијата изврши увид на местото на настанот,веднаш по пријавата. Имало возило во гаражата пред којашто е истурена запалива течност од непознато лице, но тоа не е оштетено. Не се причинети штети ниту на возилата, коишто се наоѓале во близина на гаражата на улица Бидимаж во Прилеп. Истрагата е во тек. Сопственикот на гаражата не пријавил сомнеж за можни сторители, подметнувачи на пожар“, изјави Сања Стаматовска, портпарол на СВР -Битола.
Новинарот Милошески потврди дека освен што е опожарена влезната врата од неговата гаража,не е предизвикана друга материјална штета.
„Воопшто не е пријатно да се види сликата. Но, сепак среќа што не се предизвикани поголеми штети и што мојот сосед веднаш забележал пламен, па сам интервенирал и го изгаснал огнот. Не можам да се сомневам на конкретна личност, како можен сторител. А, во мојата работа контиунирано имам закани. Сум пријавил и во полиција, но ништо конкретно до денеска не се случило, сѐ завршуваше на вербални закани, по телефон, со пораки … “, вели Милошески.