ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ ДАДЕ ПОЛА МИЛИОН ЕВРА ЗА 5,3 КИЛОМЕТРИ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ НА ПОСТОЕЧКИ ТРОТОАРИ, ТРЕБА ДА СЕ ИЗГРАДАТ ЗА 4 МЕСЕЦИ

    ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ ДАДЕ ПОЛА МИЛИОН ЕВРА ЗА 5,3 КИЛОМЕТРИ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ НА ПОСТОЕЧКИ ТРОТОАРИ, ТРЕБА ДА СЕ ИЗГРАДАТ ЗА 4 МЕСЕЦИВелосипедски патеки ќе добијат две улици во Битола, Партизанска и Васко Карангелевски кои се меѓу најдолгите во градот. (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола ќе плати околу половина милион евра за велосипедските патеки кои почнаа да се градат, а беа дел од предизборните ветувања на градоначалникот Тони Коњановски. Градежните активности започнаа откако локалната власт и по повеќе од година дена не успеа во обидите да ги пренасочи парите од проектот на ЕУ „Смарт фор ју ту“, наместо за реконструкција на поранешниот ресторан „Парк“, кој е во склоп на целината Офицерски дом, да се искористат за велопатеки.

    Според соопштението испратено од Општината, велосипедски патеки ќе добијат две улици во Битола, Партизанска и Васко Карангелевски кои се меѓу најдолгите во градот. На двете вкупно ќе биде поставена 5,3 километри велосипедска инфраструктура на веќе постоечките тротоарски места. Во соопштението се вели дека изведувачот ќе треба да ги изгради во рок од 120 дена односно четири месеци.

    „На улицата Васко Карангелевски вело патеката ќе биде на потегот од Педагошки факултет до кружниот тек кај ‘Веро’, во должина од 800 метри. За овој потег, одвоените средства од буџетот на Општина Битола ќе бидат околу 72.000 евра. Вело патеки ќе има и од левата и десната страна на улицата Партизанска во должина од над 4,5 километри. Вредноста на вело патеките од двете страни на оваа улица ќе чини околу 425.000 евра’’, соопштија од Општината.

    Според ова, метар велосипедска патека ќе чини од 90 до 94 евра или од 90 до 94 илјади евра за километар. Во Струмица велопатеките од 11 километри изградени со европски пари беше најавено дека чинеа 750.000 евра или 68 евра за метар пред две години. Експерти велат дека изградбата на велопатеки не е едноставан работа, посебно кога се поставуваат на постоечки тротоари, што значи и тампонирање, отранување на зеленило, израмнување и слично.

    Ова е само почеток на поставување на велосипедска инстраструктура во Битола која со години ја бараат граѓаните. Досега беа организирани повеќе велоиспедски тури „Битола на точак“ со цел да им се укаже на надлежните дека недостигаат велосипедски патеки. Освен патека исцртана среде Шеталиште и спроти Техничкиот факултет, на друго место нема. За велосипедистите ова е само почеток, зашто во иднина треба се изгради прстен низ градот за да можат без прекини да се движат со точаци.

    Градоначалникот Коњановски на трибината што се одржа во предизборието во 2021 вети дека во еден мандат Битола може да стане вело град и дека за тоа имаат јасен концепт и визија. Рокот за исполнување истекува в година наесен, кога треба да се одржат локалните избори.

    Велосипедските патеки во изминатите месеци беа тема за политичка кавга меѓу локалната власт и опозиционерите. Локалната власт бараше од Советот да изгласа измена на одлуката за финансирање проектот „Смарт фор ју ту“ на ЕУ, наместо за реконструкција на објектот „Парк“ да се искористат за изградба на велосипедски патеки. Од опозицијата во повеќе наврати соопштија дека не се против велопатеки, туку дека општинските власти потпишале анекс кон основниот договор за пренамена на средствата без одлука на општинскиот Совет, за што поднесоа и пријава до Обвинителството.

    Битолчани имале велосипедски клуб уште пред 118 години, а денес сè уште сонуваат да добијат соодветни велосипедски патеки. Се смета дека во Битола во 1906 година бил формиран еден од првите велосипедски клубови во Македонија, наречен „Спорт“. Во 1935 била издадена првата сообраќајна дозвола за возење велосипед, на трговецот Константин Давков. Во градот каде велосипедската култура се негувала пред еден век, денес, за жал, има многу повеќе моторни возила од велосипеди и нема соодветни велосипедски патеки.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира