ОПШТИНА КАРПОШ ЌЕ ДАДЕ 32.000 ЕВРА НА „ЛАЈКА“ ЗА ДА СЕ РЕШИ ПРОБЛЕМОТ СО ГОЛЕМИОТ БРОЈ УЛИЧНИ КУЧИЊА

    ОПШТИНА КАРПОШ ЌЕ ДАДЕ 32.000 ЕВРА НА „ЛАЈКА“ ЗА ДА СЕ РЕШИ ПРОБЛЕМОТ СО ГОЛЕМИОТ БРОЈ УЛИЧНИ КУЧИЊАВо Општина Карпош неколку месеци наназад врие од глутници кучиња, а граѓаните се жалат дека се агресивни и напаѓаат минувачи. (Фото: СДК.МК)

    Општина Карпош ќе воспостави меѓуопштинска соработка со ЈП „Лајка“ за да се реши проблемот со големиот број улични кучиња. Од буџетот на Општината за 2026 ќе му се дадат 32.000 евра на јавното претпријатие за оваа намена. Оваа одлука беше донесена на последната седница на Советот на Општина Карпош.

    „Локалната самоуправа ќе воспостави меѓуопштинска соработка со Град Скопје за заловување и собирање бездомни, односно нерегистрирани и регистрирани кучиња кои ќе бидат затекнати на јавните површини на подрачјето на Карпош. Град Скопје ќе учестувува во меѓуопштинската соработка со обезбедување трајно и квалитетно вршење на заедничката надлежност на целото подрачје на главниот град преку јавното претпријатие ‘Лајка‘, како и со сопствени финансиски средства за таа намена“, соопштија од Општина Карпош.

    Во Општина Карпош неколку месеци наназад врие од глутници кучиња, а граѓаните се жалат дека се агресивни и напаѓаат минувачи. Од здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ велат дека големиот број кучиња, кои се непознати за локалното население, се носат од други градови. Од „Лајка“ велат дека тие немаат капацитет и можности да ги соберат сите кучиња и да ги чуваат во стационарот и бараат засилени контроли од полицијата, која преку камерите од „Безбеден град“ може да утврди од каде се носат кучињата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира