До крајот на месецов ќе се регулира речното корито на Дединска Рекa во Општина Конче, која при секои обилни врнежи од дожд предзвикува поплави и огромни штети, а пред десетина години однесе и човечки живот. Оваа Општина со европски пари од Програмата за прекугранична соработка со Општина Струмјани од соседна Бугарија, врши уредување на коритото кое поминува низ населеното место Дедино чии жители се најмногу се изложени на поплави.
Дединска Река доби кејски ѕидови од камен, изградени се касакадни прагови, а низ населеното место има и цевкасти пропусти за премин на локалното население. На тој начин се очекува трајно да се реши регулацијата на оваа река која изминативе децении заради климатските промени има предизвикано милионски штети како на патната инфраструктура така и на обработливите земјоделски површини.
„Целиот наш фокус е насочен кон застапување и обезбедување на интересите и задоволување на потребите на граѓаните, а регулацијата на речното корито на Дединска река е од огромна важност за жителите од ова населено место. Со спроведувањето на овој проект ќе се подобри квалитетот на животот на граѓаните, а истовремено ќе се зголеми и зајакне свеста за климатските промени“, кажа градоначалникот на Конче Благој Илиев.
Уредувањето и регулацијата на Дединска Река е дел од проектот „Примена на мерки за заштита од поплави во општините Конче и Струмјани“ кој предвидува и низа едукативни работилници, за да се ублажат ефектите од природните катастрофи и да се зголеми безбедноста на населението во овие две општини при изразени климатски промени.
В. ТРАЈКОВ