ОПШТИНА РЕСЕН ЧЕТИРИ ГОДИНИ НЕ ПЛАЌАЛА ПРЕВОЗ ЗА УЧЕНИЦИТЕ

    ОПШТИНА РЕСЕН ЧЕТИРИ ГОДИНИ НЕ ПЛАЌАЛА ПРЕВОЗ ЗА УЧЕНИЦИТЕГрадоначалникот на Ресен,Живко Гошаревски очекува од општинскиот буџет за годинава во целост да се подмират долговите за превоз на основците. (Фото: Фејсбук/Општина Ресен)

    За Општина Ресен огромен е проблемот со доспеани и неподмирени обврски во областа на основното и средно образование во износ од 312.444 евра, соопшти Општината на својата интернет страница.

    Дури 87 проценти од овој долг, што го наследија новите општински власти, е за неисплатени обврски за превоз на ученици кон транспортните претпријатија за четири години. Така, за периодот на претходната власт, односно од 2014 до 2017 година, бил направен долг од 273 548 евра за школскиот превоз.

    Само за потребите на основното образование Општина Ресен кон транспортните претпријатија треба да плати над 111 илјади евра, а за учениците од средните училишта над 162 000 евра.

    Од Општината соопштија дека од давателот на услуги за превоз се поднесени тужби за наплата на обврските, а за дел од основните училишта доставени се извршни решенија преку извршител за наплата на побарувањата.

    Градоначалникот на Oпштина Ресен, Живко Гошаревски, очекува од општинскиот буџет за годинава во целост да се подмират долговите за превоз на основците, а за превозот на средношколците обезбедени се три милиони денари, односно дел од долгот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира