ОПШТИНА ТЕТОВО ГИ ОТСТРАНУВА ВРЕМЕНИТЕ ОБЈЕКТИ, НО СЕ ЖАЛИ ДЕКА НЕМА ПОДДРШКА ОД ПОЛИЦИЈАТА

    ОПШТИНА ТЕТОВО ГИ ОТСТРАНУВА ВРЕМЕНИТЕ ОБЈЕКТИ, НО СЕ ЖАЛИ ДЕКА НЕМА ПОДДРШКА ОД ПОЛИЦИЈАТАПри последната акција се отстранети десетина монтажни трговски објекти во близина на пазарот (Фото: СДК.МК)

    Општина Тетово презема акција за отстранување на сите времени објекти и бараки за кои не е издадена дозвола за поставување. Со последната таква акција се отстранети десетина монтажни трговски објекти на улицата Димо Гавровски-Кара во близина на пазарот, но го обвинија СВР Тетово дека одбил да прати асистенција при отстранувањето на објектите.

    „Власта не соработува со Општина Тетово. Ние уште пред 10 дена побаравме асистенција од МВР за поддршка на нашите акции за чистење на градот, но оттаму во петокот ни пратија писмо дека не се во можност да ни асистираат. Тоа што е најважно, велат дека не биле во можност да асистираат од безбедносни причини. Ние веќе две години кажуваме дека власта не соработува со Општината, а ова денеска е конкретен пример за тоа. За среќа, отстранувањето на бараките одеше без никакви проблеми“, изјави Седат Сулејмани, раководител на општинскиот инспекторат.

    Од СВР Тетово ги демантираат овие обвинувања, велејќи дека им образложиле на општинските власти зошто овој месец не можат да им асистираат.

    „Секторот за внатрешни работи Тетово како невистинити и тенденциозни ги отфрла обвинувањата од Општина Тетово дека намерно одбива денеска и утре да даде асистенција за отстранување времени објекти во централното градско подрачје, а за што претходно има доставено уредно писмено барање. На средбата со претставници на Општина Тетово на 20-ти овој месец, подробно било објаснето зошто СВР Тетово не е во можност да даде асистенција и побарано е планираните активности да бидат одложени за идниот месец. Ова е поради тоа што СВР Тетово деновиве е ангажиран со целиот свој капацитет на повеќе активности во сферата на безбедноста, особено во сообраќајот, поради значително зголемениот број луѓе и возила“, се вели во информацијата доставена од СВР Тетово.

    Од тетовската полиција соопштуваат дека годинава 11 пати ѝ давале асистенција на Општината во спроведувањето на нивните активности и дека во денешното одбивање нема никаква тенденција и опструкција, туку станува збор за презафатеност на полицијата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира