Инспекторатот на Општина Центар денеска спроведе акција на Кејот 13 Ноември во Скопје каде кафеанџиите имаа поставено диви летни тераси. Казнети се пет локали со 1.500 евра за правното лице и 500 евра за одговорното лице. Од Општината им беше наложено на локалите да ги отстранат масите и столиците кои од викендов се распослани низ шеталиштето.
„Угостителските објекти се казнети бидејќи не го почитуваат издаденото одобрение и елаборат за поставување на урбана опрема за јавна површина“, велат од Општина Центар.
Дел од кафеанџиите по заминување на инспекторите самите ги отстранија масите и столиците. И лани кафеанџиите беа казнети, но само неколку дена по акцијата на Општината пак си тераа по свое и го блокираа кејот.
Масите се поставени меѓу клупите, со што всушност им се блокира пристапот на сите пешаци кои сакаат да седнат да одморат, а притоа да не мора да седат во кафеана. Кафеанџиите кога го добија просторот за тераси пред објектите го затворија со стакло, па наместо тераси, станаа затворени објекти за да може да се пуши во нив. Сега сакаат да имаат маси и на отворено бидејќи терасите им се заградени, а гостите сакаат да седат надвор.
Откако кејот беше реновиран пред четири години во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, кафеанџиите добија дозвола да имаат тераси само пред објектите. Беше точно обележано до каде можат да се простираат и добија плус 3,5 метри од јавниот простор. Но, сега газдите не се задоволни од добиениот простор и сакаат да имаат маси и столици и на плочникот, како што беше пред реновирањето на кејот, кога цел плочник беше узурпиран од кафеани.
А. АНТЕВСКА