ОПШТИНА ЦЕНТАР ЌЕ ПРАВИ СТУДИЈА ЗА БОЕМСКИОТ КВАРТ ВО ДЕБАР МААЛО ДА СТАНЕ КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО

    ОПШТИНА ЦЕНТАР ЌЕ ПРАВИ СТУДИЈА ЗА БОЕМСКИОТ КВАРТ ВО ДЕБАР МААЛО ДА СТАНЕ КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВОЗа улиците Боемска 1 и Боемска 2, градоначалникот на Центар Андреј Жерновски потроши скоро 1,2 милиони евра (Фото: Ѓ. Личовски)

    Општина Центар сака боемскиот кварт во Дебар Маало да биде заштитен како културно наследство. За таа цел Општината ќе прави Студија за дефинирање на боемскиот кварт како културна атракција врз основа на културно-историскиот и антрополошкиот контекст во последното столетие. Студијата ќе биде основа да се започне постапката за прогласување на боемскиот кварт и одредени обичаи за овој дел од градот како културно наследство. Исто така, преку оваа студија Дебар Маало ќе влезе во официјалната рута на туристички места кои ги посетуваат гостите во земјава.

    „Сметаме дека боемскиот кварт и Дебар Маало треба да бидат дел од културното наследство. Одредени обичаи и традиции се карактеристични само за овој дел од Скопје, како што е бадникарската прослава, боемството, рецептите и храната. Исто така, матeријалите од оваа студија ќе се искористат Дебар Маало да стане дел од официјалната туристичка мапа на Скопје. Сега во турите низ значајните места низ градот не влегува овој дел од општината’ велат од Опшина Центар.

    Во Студијата треба да биде опфатен историскиот период од 1910 до 1940 година. Треба да бидат приложени минимум 20 историски документи, 10 патеписни белешки, 50 фотографии, 20 скенирани страници од стари весници, 20 фотографии или цртежи на модели на облека, 20 разгледници, како и 10 поштенски марки. Студијата ќе опфаќа и 10 интервјуа со мештани на Дебар Маало и 50 рецепти и пијалоци карактеристични за локалното поднебје и градот Скопје. Од собраниот материјал ќе се изработат флаери и каталози.

    Според објавениот оглас за прибирање понуди за јавна набавка, за овој проект Општината од буџетот ќе одбои околу 250.000 денари.

    Градоначалникот Андреј Жерновски потроши скоро 1,2 милиони евра за да ги изгради двете боемски улици во Дебар Маало. Првиот дел од Боемската улица, улицата Ѓорги Пешков, беше пуштена во употреба 2014, чинеше 400 илјади евра  со што се уредени вкупно 2.700 квадратни метри, од кои 1.500 квадратни метри се на Ѓорги Пешков, а останатиот дел од квадратурата отпаѓа на уредување пристапи и тротоари до новата улица. Вториот дел од Боемската улица беше пуштен на крајот на декември лани, чинеше 710.000 евра, долга е 270 метри, односно делот од улицата Орце Николов до дворот на Градежен факултет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира