Академикот, физичар и доктор по електротехнички науки Јордан Поп Јорданов, кој своето средно образование го стекнал во штипската гимназија, постхумно го доби Орденот „Свети Никола“ што традиционално го доделува Општината за патронатот на Штип.
Академик Поп Јорданов, кој почина лани на 98 години, е роден во Велико Градиште, Србија, но секогаш за Штип говорел дека го чувствувал како свој град. Во 1993 година го основа Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), со кој раководел до 2012. Беше третиот претседател на МАНУ, во мандатот од 1984 до 1991.
Неговиот главен научен придонес се однесува на неутрониката („метод на Поп-Јорданов“ за термализација на неутроните, објавено во престижното издание на Обединетите нации пред половина век); електроенергетиката (мултидизмензионална интерпретација на околински ризици); соларната енергија (квантни модели на тенки филмови), одржливиот развој (негентропски концепт и ментални индикатори); невронауката (мозочен електрицитет и квантни ментални спектри) и филозофијата на природните науки (интерпретација на микрочестичен дуализам).
Орденот ќе биде врачен на членовите на неговото семејство на традиционалното одбележување на патронатот на 18 декември во Соборниот храм „Свети Никола“ во Штип.
Во чест на 18 декември, ќе бидат врачени и плакетите што се доделуваат на заслужни граѓани и општествени организации и институции, а годинава добитници се Касарната „Јане Сандански“ во Штип, компанијата „Супериор“, Градскиот хор „Штип“ , анестезиологот д-р Билјана Ефтимова и писателот и драматург Трајче Кацаров.
Т. ЈОВАНОВСКИ



