ОРТА ЏАМИЈАТА ВО СТРУМИЦА МОЖЕ ДА СЕ УРНЕ, ИВЗ НЕ ДАВА СОГЛАСНОСТ ДА СЕ ПРАВАТ ИСПИТУВАЊА

    ОРТА ЏАМИЈАТА ВО СТРУМИЦА МОЖЕ ДА СЕ УРНЕ, ИВЗ НЕ ДАВА СОГЛАСНОСТ ДА СЕ ПРАВАТ ИСПИТУВАЊАОд Заводот и музеј Струмица велат дека ИВЗ ги условувала дека ќе дадат согласност да се изврши заштитата на објектот, но потоа да го користат за свои цели (Фото: СДК.МК)

    Куполата и дел од ѕидовите на Орта џамија во Струмица, која потекнува од 17. век, се напукани и може да се урне. Расцепот на сводот од година во година сѐ повеќе се зголемува, но поради немање дозвола од Исламската верска заедница, струмичкиот музеј не може да пристапи кон негова заштита. Тие го ангажирале Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија да изврши испитувања и да направи сондажа на темелите за да се изработи проект за санација, но ИВЗ не дава дозвола. Директорот на струмичкиот музеј Ацо Манински вели дека веќе неколку години разговараат со оваа заедница, но официјално согласност сѐ уште немаат добиено.

    Пукнатини се појавија на куполата и се проширија и по страничните ѕидови (Фото: СДК.МК)

    Станува збор за џамија под која има остатоци од православен храм, а под него се пронајдени и остатоци од античко светилиште, за што археолозите постојано истражуваа и дојдоа до значајни артефакти, икони и мозаици. Како што информираа од музејот, ова е трослоен комплекс кој сведочи за културниот и духовен живот на Струмица низ вековите, но, за жал, затворен е за посета од безбедносни причини бидејќи треба да се санира куполата на џамијата.

    „Овој проблем сакаме да го решиме 4-5 години, не само за самиот објект, туку и заради двата културни слоја што се пронајдени под и околу џамијата. Овој комплекс е прогласен за споменик на кулутрата, но е затворен бидејќи е небезбеден. Се појавија пукнатини на куполата кои се проширија и по страничните ѕидови. Имаме започнато постапка за проект за санација. Јавната набавка ја зеде ИЗИС, кој требаше да изготви проект. Оттаму направија десетина анализи, но проблемот запна кај сондажните испитувања. Но, сѐ уште немаме добиено дозвола од ИВЗ“, вели Манински, директорот на Заводот и музеј Струмица.

    При досегашните истражувања, во Орта џамија биле пронајдени наоди од хеленистичкиот, римскиот и средновековниот период (Фото: СДК.МК)

    Од ИВЗ не успеавме да добиеме одговор зошто не даваат дозвола да се пристапи кон испитување на темелите на џамијата, за кои инженерите се сомневаат дека се причина за процепот на куполата и страничните ѕидови во должина од десетина метри. Манински вели дека имале условувања од страна на ИВЗ: ќе дадат согласност, но откако ќе заврши заштитата на објектот, да го користат за свои цели, најверојатно за верски обреди.

    „Од ИВЗ има начелна согласност дека сакаат да го решат овој проблем, но ни бараат официјален документ дека ние треба да дадеме гаранција која законски не можеме да ја дадеме, а тоа е објектот отпосле да го користат за сопствени цели. Нашата институција не може да издаде таква согласност, бидејќи ние се грижиме за заштита на културното наследство“, рече Манински.

    Орта џамија е археолошки комплекс кој е вклучен во Списокот на културно наследство на Македонија и не смее да се користи за други цели. Во досегашните истражувања биле пронајдени наоди од хеленистичкиот, римскиот и средновековниот период.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира