Во центарот на Битола со спреј е исчкртана единствената информативна табла за улицата на конзулите. Таблата содржи историски факти за конзулското минато на Битола, поткрепено со фотографии од тоа време, а беше дел од француска донација пред 13 години.
Оваа табла е дел од проектот „Сигналитика“, во чии рамки беа поставени 11 светлечки паноа, шест легнати табли и два јарболи пред и на важни културно-историски објекти во градот. Донацијата вредна 15.000 евра ја додели тогашниот амбасадор на Франција, Вероник Бижон-Баре.
„На кого може да му пречи табла која дава податоци за Битола? И не е само таблата, туку исчкртани се и фасадите на околните куќи, а тие беа реставрирани со државни пари“, реагираат битолчани кои ги затекнавме на Широк Сокак.
Почесниот конзул на Франција во Битола, Калиопа Кривашија-Стилиновиќ, вели дека досега неколку пати се чистеле и заменувале оштетените табли.
„Овој инвентар од самото поставување, според договорот, е сопственост на Општината, кој во соработка со Завод и Музеј ја спроведе иницијатива. Со жалење констатирам дека, не знам од кои причини, на некои наши сограѓани им смета убавото. Во повеќе наврати Општината интервенира со чистење и замена на искршените, оштетените, па дури и исчезнатите табли и пултови. И во пролетниот период што следи, тоа пак ќе биде направено“, вели конзулката Стилиновиќ-Кривашија.
Од полиција не добивме одговор дали се фатени и казнети лицата што чкртаат по објектите и информативните табли во Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА