ОСТАНУВААТ „ГУЛАБАРНИЦИТЕ“ ВО КАФУЛИЊАТА НА ШИРОК СОКАК, ДО ДОНЕСУВАЊЕТО НА НОВАТА ПРОГРАМА ЗА УРБАНА ОПРЕМА ВАЖИ СТАРАТА

    ОСТАНУВААТ „ГУЛАБАРНИЦИТЕ“ ВО КАФУЛИЊАТА НА ШИРОК СОКАК, ДО ДОНЕСУВАЊЕТО НА НОВАТА ПРОГРАМА ЗА УРБАНА ОПРЕМА ВАЖИ СТАРАТАИ оваа зимска сезона просторот за пушачи пред кафулињата на Широк сокак ќе остане ограден со стакленици и најлони (Фото: СДК.МК)

    Новата програма за поставување урбана опрема на територијата на Општина Битола не е донесена, и очигледно е дека и оваа зимска сезона ќе важат одредбите од старата која дозволува оградување на просторот за пушачи пред кафулињата што најчесто се прави со стакленици и најлони. Нив битолчани ги нарекуваат гулабарници. На денешната седница на Советот беше предложено дополнување на дневниот ред со уште една точка, а тоа е одлука за продолжување на временската важност за поставување урбана опрема наведена во претходните измени.

    „На 12  јули годинава донесовме заклучок за објавување одлука за изготвување на целосно прочистена и ревидирана програма за поставување урбана опрема на јавни површини за што имаше и заклучок на работното тело. Тогаш јасно беше кажано дека ако до зимскиот период  не се донесе новата програма за урбана опрема ќе важи старата. Мене ми е криво што толку задоцнивме, а тендерот е завршен. Но, во интерес на сите правни субјекти кои треба да продолжат со работа, а ги носиме во заблуда , предлагам одлука за да се продолжи важноста за поставување урбана опрема на површина на подрачјето на Општина Битола. Се надевам дека брзо ќе имаме нова програма и јасни ќе бидат критериумите за да не ги носиме како сега во заблуда неколку дена пред почнување на новата сезона, за да можат пред време да се планираат работите“, рече советничката од ДОМ, Анастасија Трајковска.

    Зимскиот режим за поставување урбана опрема започнува од 15 ноември. Постоечката програма е донесена пред седум години и досега претрпела повеќе измени.  И сопствениците на кафулињата се согласни дека преградувањата не се најсреќното решение, но бараа заеднички со Општината да се најде посоодветно решение.

    Од Завод и музеј кои се задолжени за заштита на Широк Сокак, на средбите на работното тело рекоа дека улицата е споменик на културата и дел од старото градско јадро, и не постои законска можност да се дозволи заградување на објектите. Во 2017 кога се носела Програмата за урбана опрема токму поради тој аспект, Управата за заштита на културното наследство се прогласила за ненадлежна.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира