ОТКРИЕНИ ЗЕМУНИЦА, МЕЛНИЦИ ЗА БРАШНО И САДОВИ ВО ФОРМА НА ЖИВОТНО НА ПРАИСТОРИСКИОТ ЛОКАЛИТЕТ ВЛАХО ВО ПЕЛАГОНИЈА

    ОТКРИЕНИ ЗЕМУНИЦА, МЕЛНИЦИ ЗА БРАШНО И САДОВИ ВО ФОРМА НА ЖИВОТНО НА ПРАИСТОРИСКИОТ ЛОКАЛИТЕТ ВЛАХО ВО ПЕЛАГОНИЈАСтанува збор за културни слоеви кои го евидентираат животот во оваа неолитска населба меѓу 6400 и 6000 година пред новата ера. (Фото: СДК.МК)

    Утврдено е присуство на повеќе архитектонски структури, од земуница до камени мелници за брашно, при истражувањето на археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија. Од Центарот за истражување на предисторијата соопштија дека неодамна заврши истражувањето на локалитетот, при што се вршело сондажно ископување во западниот дел на неолитската населба, а со цел да се направи увид во културните слоеви на овој простор. Притоа, констатирале дека тие се напластени во длабочина поголема од 2 метри и се доста подлабоки од оние детектирани во сондите во источниот и јужниот дел, што укажува на особено интензивен живот во оваа населба во текот на раниот неолит.

    Станува збор за културни слоеви кои го евидентираат животот во оваа неолитска населба меѓу 6400 и 6000 година пред новата ера.

    „Во рамки на ова мноштво на културни слоеви се констатираше присуство на повеќе архитектонски структури, меѓу кои и остатоци од една земуница, градба вкопана во земја. Освен неа се открија подови од повеќе надземни објекти градени еден врз друг, а сочинети од наталожени слоеви на гареж и пепел, што упатува на горење после нивната примарна функција. Во одреден простор на овие наслоени градби, се поставувале внимателно редени и поплочени камени мелници за брашно, притоа формирајќи невообичаени структури во повеќе етапи од животот во овие објекти. Некои од пронајдените мелници се вертикално и странично поставени, потврдувајќи ја нивната секундарна функција како градежни или обредни предмети“, соопштија од Центарот за истражување на предисторијата.

    Кон интензивниот живот во раниот неолит на овој простор упатуваат и бројните наоди откриени во детектираните културни слоеви. Меѓу нив, најприсутни се остатоците од керамика, односно глинени садови не ретко сликани со бела боја или обликувани во форма на животно. Исто така се открија и предмети поврзани со други секојдневни активности, како што се камените ножиња и секири, коскените игли, керамичките кугли за ловење, дисковите и теговите за ткаење и друго.

    Истражувањето на археолошкиот локалитет Влахо е резултат на плодна соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Битола, а која континуирано трае од 2015 година. Благодарение на оваа соработка се истакна уникатниот карактер на Влахо кој има есенцијално значење за македонското културно наследство. Овој локалитет предизвика големо внимание во светската научна јавност поради својата изненадувачка старост и автентичните архитектонски обележја, како и поради неговото неоправдано уништување при експлоатацијата на јаглен. Во таа насока Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Битола значително придонесуваат во заштитата и промовирањето на овој уникатен археолошки локалитет во Македонија, но и пошироко во Европа.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира